Владата денеска ќе ја одржи својата 60-та, редовна седница
На дневниот ред на 60-тата редовна седница на владата, која ќе започне денеска во 15:00 часот, по завршување на 59-тата тематска седница посветена на младинските политики, меѓу другото, ќе се најде и информацијата за можноста за изменување на Законот за катастар на недвижности во насока на подобрување на квалитетот на податоците запишани во катастарот на недвижности, вклучувајќи го и механизмот за отстранување на грешки од страна на Агенција за катастар на недвижности, и за намалување на процентот на незапишани права во катастарот на недвижности.
На денешната владина седница ќе биде разгледана и информација за рокот на реализација и проблемите при реализација на сите проекти од примарната гасификација, како и за секундарното гасифицирање во државата.
На предлог на Министерството за внатрешни работи, на 60-тата седница на Владата на РМ ќе се расправа и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за оружјето.
На оваа 60-та редовна седница на Владата на РМ, на дневен ред ќе се најде и информација за имплементацијата на Национална стратегија за вработување на Република Македонија 2016-2020 година, како и информацијата за воведување на професионална рехабилитација на лица со попреченост.