Владата го презеде управувањето со Колекторскиот систем
Владата на Република Македонија, на денешната 107-ма редовна седница донесе одлука за формирање на Јавно претпријатие „Колекторски систем“ за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води.Новото јавно претпријатие, ги презема сите обврски и во иднина ќе управува и стопанисува со колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.
Со одлуката на Владата, всушност се прави поделба на досегашното Меѓуопштинско јавно претпријатие „Проаква“ , кое беше голем финансиски проблем за општините Охрид и Струга, бидејќи претпријатието беше нефункционално и работеше со загуби. На одлуката на Владата на Република Македонија и претходеа постапки за делбен биланс и одлуки на Советите на општините Охрид и Струга. По формирањето на јавното претпријатие за управување со колекторскиот систем, општините Охрид и Струга ќе формираат нови јавни претпријатија за стопанисување со водоводните системи.
Одлуката на Владата на Република Македонија со олеснување е примена кај локалните власти, но и кај граѓаните и стручната јавност, бидејќи со формирањето на новото јавно претпријатие се решава еден витален и повеќедецениски проблем со заштитата на Охридското Езеро, кое како светско природно наследство е на листата на УНЕСКО.