Владата и министерот Поповски високо ја оценуваат и ја поздравуваат одлуката на ЗЕЛС да им препорача на градоначалниците да ја применуваат Алатката за отчетност за трошоците
Владата на Република Македонија и министерот Роберт Поповски како исклучително позитивно го оценуваат заклучокот на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа да им препорача на сите градоначалници да започнат да ја применуваат Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.
Оваа одлука добива на уште поголемо значење ако се земе предвид фактот дека локалната власт во Република Македонија е целосно независна во креирањето на своите политики, и затоа прифаќањето на оваа препорака говори за високата свест и на претставниците на локалната самоуправа за значењето на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните и на ниво на единиците на локалната самоуправа.
Оваа одлука на УО на ЗЕЛС доаѓа по остварената работна средба меѓу министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и Петре Шилегов, како претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), на која разговараа за можностите, Алатката за отчетност која Владата ја применува за службените трошоци на министрите и другите носители на јавни функции, да се применува и во рамки на локалната власт.
Софтверското решение на оваа алатка овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на избраните функционери и да се прави споредба на трошоците по типови на трошоци, и во различни временски интервали, и за прв пат во политичката пракса во Република Македонија, на најотворен, најтранспарентен начин, се става на увид работењето државните службеници и на избраните функционери.