Владата и Народната банка со иницијален сет на мерки за погодените македонски компании
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши и гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија Анита Ангеловска-Бежоска, денес на прес-конференција ги објавија иницијалните мерки за поддршка на бизнис секторот во насока на амортизирање на штетите предизвикани со прогласување на пандемијата на коронавирусот – Covid 19.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска посочи дека покрај здравствените ризици, коронавирусот донесе и еднакво големи предизвици за светската економија. Таа трпи засега сè уште несогледливи негативни последици, а домашната економија, исто така, нема да остане имуна на последиците од коронавирусот и должност на Владата, е час поскоро да започне со мерки на заштита и поддршка на економијата и компаниите.
„Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Кредитите се дизајнирани со големо внимание, водејќи се од тоа да може да се поддржат што поголем број на компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти! Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.
Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со што сакаме да ставиме јасно до знаење дека ни е важно да помогнеме да се зачува секое едно работно место”, нагласи Царовска во своето обраќање.
„Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од рработењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот“, нагласи Царовска.
„И најновите расположливи податоци покажуваат дека макроекономската состојба е стабилна. Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението“ – порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа накусо ги претстави и одлуките коишто Советот на Народната банка ги донесе во насока на ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата, предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција.
„Имаме подготвено и предлог Одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките и очекуваме наскоро да биде донесена од Советот на Народната банка. Во текот на наредните денови ќе бидете подетално информирани за ова“. најави Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката потсети на препораката на Народната банка, заради заштита на јавното здравје да се избегнува користење и на денарска и на девизна готовина, а да се користат платежни картички, електронско банкарство или други алтернативни начини на плаќање.
Министерката за финансии Нина Ангеловска, посочи дека сетот на мерки има за цел пред се да ја заштити ликвидноста и работните места на компаниите, односно да му помогне да го премости овој шок.
„Ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни ќе ја помогнат ликвидноста на компаниите. Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус“, нагласи министерката за финансии.
Ангеловска рече дека дел од барањата на коморите беа и намалување на каматите и некои парафискални давачки. Во таа насока законски затезната камата ќе биде намалена за 50% во соработка со Министерството за правда. (од 10 на 5% и од 8 на 4% а ќе биде променет и периодот за кој се зема предвид референтната каматната стапка која ја пропишува Централната банка, за да има поповлни услови во услови кога референтната каматна стапка се намалува). Понатаму министерстото за финансии ќе ја намали казнената камата за јавни давачки од 0,03 % на 0,015% односно за 50%.
„Дополнително Министерството за Финансии и УЈП ќе даде препорака на провајдерите за намалување на цените за одржување на фискалните каси за 50%. Препорака ќе дадеме и на банките да ги намалат цените за плаќање на финансиските извештаи за ДДВ за прометот на сметките на фирмите. Ова се можеби навидум незначајни и симболични давачки, сепак го отсликува настојувањето на Владата да ја олесни оваа ситуација на секој можен начин за фирмите“, потенцира министерката Ангеловска.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека на седницата на Владата која што се одржа во понеделникот донесена е одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциони сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.
“Изминатите денови сите бевме сведоци на зголемената побарувачка кај граѓаните кои од стравување дека ќе се зголемат цените на основните производи купуваа во големи количини. За да не дојде до зголемување на цените под притисок на побарувачката и како резултат на мерките за заштита на пазарот на соседните земји веднаш решивме да ја донесеме оваа одлука. Сакам да ги уверам граѓаните во консултација со најголемите супермаркети и дистрибутери на храна и основни производи дека имаме доволно залихи, но решивме да реагираме превентивно за да не дојде до поголеми ценовни шокови“, кажа министерот Бектеши.
Министерството за економија ќе достави до Владата и предлог за 100 процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни наочари.
На најголем удар е туристичкиот сектор поради откажани аранжмани и тури од страна на граѓаните поради затварање на границите, но и поради откажување на летовите од страна на авио-компаниите. Како резултат на барањата на туристичките комори предвидовме и мерки за поддршка на туристичкиот сектор. Во овој сектор има околу 70 илјади вработени кои се на удар од последиците на Коронавирусот.
„Министерството за економија предлага сите средства кои се предвидени за развој, промоција и поддршка на туризмот да се пренаменат во Фонд за туризам со цел да се обештети туристичкото стопанство да ја пребродат кризата во согласност со бројот на вработени. Овој Фонд за туризам во моментов проценува на околу 74 милиони денари од кои 44 милиони денари се во рамки на програмите на Министерството за економија кои нема да бидат искористени, а 30 милиони денари се од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“, информираше министерот Бектеши.