Владата на Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 43-та седница
Владата на Република Македонија денеска во 15:00 часот ќе ја одржи својата редовна 43-та седница на којашто ќе се разгледаат информации и ќе се донесат повеќе одлуки во интерес на граѓаните.
На денешната владина седница на предлог на Министерството за надворешни работи министрите ќе го разгледаат текстот од предлог законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.
На денешната седница на Владата на РМ на предлог на Министерството за одбрана ќе биде разгледана и информација за завршените преговори за склучување на Договор за воена финансиска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција.
Министрите денеска по предлог на Министерството за здравство ќе разгледаат повеќе информации, за фузионирање на здравствени домови и општи болници во населени места кадешто има потреба, акцискиот план за развој на вонболнична постоперативна грижа на пациенти, како и акцискиот план за проектот „Воведување на вакцинација против пнеумокок и рота вируси“.
На денешната владина седница ќе се разгледа и информација за функционирањето на националното координативно тело против семејното насилство.
Владата на Република Македонија ќе разгледа информации предложени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои се однесуваат на реализација на проектот за формирање и поддршка на земјоделски задруги и за реализација на заклучокот на владата во врска со поништувањето на огласите за давање на земјоделско земјиште во долгорочен закуп и раскинување на договорите во периодот од 18.08.2004 до 04.12.2004.
На предлог на ЈП „Македонија пат“ министрите ќе разгледаат програма за изменување и дополнување на годишната програма за одржување и заштита на државните патишта за 2017 и информација за предвидени финансиски средства за набавка на потребната механизација и други потреби за нормално функционирање на ЈП „Македонија пат“.