22/11/2024
Македонија

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 55-та седница

На својата редовна, 55 седница, Владата го усвои Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Основна цел на овој предлог закон е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Суштинските измени што се предлагаат се однесуваат на изборот на управните тела и директори на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радиотелевизија и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и во однос на финансирањето на работата на МРТ и АВМУ.

На предлг на Министерство за информатичко општество и администрација Владата денеска го разгледа и усвои и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, со основна цел за усогласување со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На денешната седница Владата ја разгледа и го утврди текстот на Предлог-Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот 2018-2022 година, и донесе одлука стратегијата да се достави до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Со Стратегијата за развој на културата 2018-22 и Акцискиот план, се отвора процесот на темелни реформи, преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија.

Стратегијата има за цел да ја реализира визијата за градење едно општество за сите, децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани подеднакво. Со насоките во стратегијата започнува широка и темелна реформа на законите од областа на културата, се менува начинот на работа и финансирање на националните установи од областа на културата, како и финансирањето на другите корисници, преку поддршката за проекти што ја дистрибуира министерството во име на граѓаните.

Владата денеска ја разгледа информација за обврските и роковите кои произведуваат од Законот за утврдување на цени на водните услуги. Од анализата врз основа на оваа информација, произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика не ги почитувала роковите утврдени согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги. Наместо да бидат донесени во 2016, Регулаторната комисија за енергетика новите цени за водата ги донела по завршувањето на локалните избори во 2017 година.

Оваа постапка сериозно ја доведува во прашање независноста на Регулаторната комисија за енергетика која очигледно ги синхронизирала одлуките за поскапување на водата со резултатите од локалните избори.

Согласно ова сознание, Владата им препорача на водостопанските препријатија, дека можат да поднесат барање за измена на решенијата за тарифите за водна услуга согласно ставот 2 од членот 17 од Законот за утврдување на цените за водите.

На денешната седница Министерството за финансии ја презентираше информација за првата седница на Советот за управување со јавни финансии, со Предлог Акциски план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2018 година. Владата беше запознаена дека Советот за управување со јавни финансии ја усвои листата на назначени координатори на приоритети и лидери на мерки од Програмата за реформа на управување со јавни финансии, и дека оваа седница ја разгледа и одобри нацрт Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии за 2018 година и одлучи истиот како предлог Акциски план да се достави на усвојување до Владата на Република Македонија преку Министерството за финансии.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 година“, и го прифати Акцискиот план за спроведување на стратегијата.

Тргнувајќи од еден од главните стратешки приоритети кој се однесува на јавната администрација дека Владата на Република Македонија ќе работи на создавање стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис-секторот и ќе ги заштити нивните права, реформата во јавната администрација во поширока смисла значи реформа во приоритетни области, креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност, јавни услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, како и во управувањето со јавните финансии.

Владата на Република Македонија да ја разгледа и усвои Информацијата за продолжување на кампањата за мерење на потенцијалот на ветерната енергија во Република Македонија. Информацијата потврдува дека вкупната инсталирана моќност може да достигне 150MW.
Со оглед на фактот дека до денес се инсталирани 72 MW, Владата заклучи дека е оправдано да се продолжи со мерната кампања за утврдување на наредни поволни локации со потенцијал на енергијата на ветерот кој гарантира исплатливо производство на електрична енергија.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата денеска ја разгледа информација за заштита и унапредување на работничките права преку колективен договор на вработените во шумската полиција. Владата го задолжи Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во рамките на своите буџетски можности да пренамени средства од својот буџет и да обезбеди средства за обврските согласно содржината на информацијата бидејќи припадниците на шумската полиција припаѓаат во групата на овластени службеници.

Владата го усвои новиот текст на Информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија за соработка во областа на водите во делот на поддршка за изградба на нови хидросистеми.

На денешната седница Владата на РМ го разгледа и утврди Предлог-законот за бесплатна правна помош, со одлука да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување.

Со овој закон се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, а негова цел е да се овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита преку обезбедување финансиска поддршка од страна на државата.

Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија за натамошна постапка.

Владата ја разгледа Информацијата за Предлог Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудство. Со спроведувањето на ИКТ решенија и системи во согласност со европските и меѓународните стандарди, целта ќе биде да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста, како и соработката со други правосудни системи, институциите на Европската Унија, нејзините земји-членки и меѓународните организации.

Владата го разгледа новиот текст на Информацијата за изградба на жичарница од Козле до Средно Водно, за период од 1 јули до 31 декември 2017 година и ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје да донесат соодветна одлука за целисходноста на овој проект.