Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи редовната 67 седница
Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи редовната 67 седница со повеќе точки на дневниот ред од Програмата за работа на владата и од интерес на граѓаните.
На денешната седница Владата на РМ ќе се произнесе по Предлог-одлуката за давање согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште-сопственост на РМ по пат на непосредна спогодба на Друштво за производство на електрична енергија „Актуел енерџи груп“ доо – Скопје, за изградба на мала хидроелектрична централа Конска и придружни објекти на река Конска, општина Гевгелија.
Министрите во Владата на РМ денеска ќе го разгледаат и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, на предлог на Министерството за финансии.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на оваа, 67 седница, ќе ја разгледа и информацијата за продолжување на крајниот рок на достапност на средствата обезбедени од заем од Европска инвестициона банка за проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води“, како и извештајот за моменталната состојба на железничка делница Бељаковце – Крива Паланка, од железничкиот Коридор 8.
Министерството за животна средина и просторно планирање на денешната седница ќе ја презентира информацијата за потпишување на Рамковен договор помеѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.
На денешната владина седница ќе се разгледа и извештајот за спроведувањето на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015 – 2020, како и Годишниот извештај за 2017 година на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
Министрите во Владата на РМ на денешната седница ќе се произнесат и по Информацијата за прогресот на реализација на Проектот “Откуп на дворно место 1 евро за 1 м2”.
На денешната владина седница Јавното претпријатие за државни патишта ќе информира за можноста за поврзување на ТИРЗ „Тетово“ со автопатот А2 (Е-65), а Агенцијата за вработување на Република Македонија ќе ја презентира Програмата за работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија за 2018 година.
Предвидено е 67-та седница на Владата на Република Македонија да започне во 12 часот.