Владата на Република Македонија ја одржа 36-та седница
Владата на Република Македонија денеска ја одржа 36-тата седница на која се донесени повеќе одлуки од интерес на граѓаните на Република Македонија.
Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе заклучок да му предложи на Собранието на Република Македонија за Јавен обвинител на Република Македонија да го именува Љубомир Јовески, член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Владата на Република Македонија оваа одлука, освен врз основа на професионалната биографија на Љубомир Јовевски, ја донесе и врз основа на позитивното мислење на Советот на јавните обвинители.
На седницата владата ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година, со динамика и акциски план за реализација на истата, и донесе одлука за престанок на акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“. Владата го задолжи ЈП Македонски шуми да достави сеопфатна информација за ефектите и резултатите од оваа акција. Идните активности за пошумување ќе се реализираат со одобрена предлог програма за проширена репродукција на шумите на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“.
На денешната седница владата беше информирана за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија“, и за изградба на Притворско одделение со придружни објекти и Судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.
Владата да ја усвои информацијата за текот на преговорите за пристапување кон спогодбата со Светската трговска организација и нејзиниот Комитет за јавни набавки. Со ова пристапување, компаниите од Република Македонија ќе можат да учествуваат во повиците за јавни набавки во трети земји.
На оваа седница Владата донесе одлука за укинување на царинската стапка за електрични литиум јонски акумулатори. На седницата беше појаснето дека од царинската давачка за овие акумулатори ќе бидат ослободени само производителите на машини и други производи што користат вакви батерии, но не и трговците со вакви производи.
Владата заклучи Министерството за внатрешни работи, во рамките на договорот со Друштвотo за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит“ АД Прилеп, во државна сопственост, да го реализира Заклучокот од 32-та седница на Владата, одржана на 19.10.2017 година, кој се однесуваше на информацијата за изнаоѓање на решение за состојбите во ова друштво во државна сопственост. Владата донесе одлука МВР да префрли финансиски средства во висина од 10.000.000,00 денари на сметка на друштвото, со цел исплата на една плата на вработените и за набавка на репроматеријали за да продолжи работењето на фабриката.
На седницата денеска, Владата ја усвои информацијата за склучување на Меморандум за разбирање помеѓу Република Македонија и Швајцарија застапувана од Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија и Швајцарска агенција за развој, и соработка на Програма за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.
На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација, Владата го прифати Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници со кој во голема мерка се упростуваат постапките за напредување и усовршување на вработените во државната администрација.
На денешната седница Владата ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Совет за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор, како и инфромацијата за ИПА повеќе-корисничката програма за 2017-та година, со укажување предлагачот, Секретаријатот за европски прашања, до Владата на Република Македонија да подготви и достави Информација до крајот на ноември 2017 година, во однос на ефикасноста на ИПА повеќе-корисничката програма за 2017-та година, во која ќе бидат содржани предлози, инструменти и мерки за искористеноста на ИПА- програмите.
Владата да ја разгледа информацијата на Управата за јавни приходи за прогрес во реализација на проектот “Е-Аукции – продажба на запленета стока за наплата на даночни долгови во првото полугодие на 2017 година”, и ја задолжи УЈП и Министерството за финансии да ја разгледаат можноста од соодветно изменување на Законот за даночна постапка во делот за Е-Аукции и огласите наместо да се објавуваат во две јавни гласила да се објавуваат на веб страницата на УЈП заради поголема ефикасност во намалување на фискалните импликации. Владата предложи УЈП да ја разгледа можноста наместо на две недели, аукциите да бидат организирани еднаш месечно.
На седницата владата го усвои заклучокот во врска со Годишниот Извештајот на народниот правобранител Иџет Мемети за состојбата со човековите права во Македонија во 2016 година кој е доставен до Собранието на Република Македонија. Во заклучокот Владата на РМ се обврзува посветено да работи на унапредување на состојбите со човековите права во интерес на сите граѓани на Република Македонија и по доставените препораки од Народниот правобранител, Владата ќе преземе активности за нивно спроведување согласно Законот за Народен правобранител на Република Македонија.
На денешната 36-та седница, Владата ги разгледа и извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија, и други друштва и компании во државна сопственост.