22/11/2024
Македонија

Владата на Република Македонија ја одржа 40-та седница

На денешната седница Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) со Акциски план.

Со оваа предлог стратегија се даваат насоки, правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци како од нормативен така и од институционален карактер. Стратегијата е проследена со Акциски план кој содржи активности,мерки и рокови со чие спроведување се очекува да се достигне крајната цел на стратегијата – враќање на довербата во институциите преку обезбедување на правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните.

Нацрт-Стратегијата пред да биде доставена во владина процедура за нејзино усвојување, беше во три наврати доставена на мислење до Европската Комисија.

На денешната седница владата ја усвои информацијата на Агенција за катастар на недвижности за изменување и дополнување на Тарифникот за висина на надоместокот за повеќе услуги на катастарот. Со предложените измени, цените на услугите на Агенција за катастар на недвижности за различни услуги се намалуваат од 28 до 90 отсто.

На седницата владата ја разгледа и усвои информацијата за состојбата и напредокот во процесот на европска интеграција, и го задолжи Секретаријатот за европски прашања веднаш да достави листа на закони, стратегии, планови и програми од План 3-6-9 со насоки како оперативно средство за следење на реализацијата на Планот 3-6-9.

Како дел од точката за состојбата и напредокот во процесот на европска интеграција на седницата одржана денеска, владата ја разгледа информацијата „Инвестициска рамка за Западен Балкан“, како и информацијата „Единствена листа на секторски инфраструктурни инвестициски проекти“, како заедничка иницијатива со Европската комисијаза спојување на средствата на ЕК од различни донатори и Меѓународните финансиски институции за финансирање на приоритетни инфраструктурни проекти во земјите од Западен Балкан.

Министрите во Владата на РМ денеска ја разгледаа и ја усвоија и информацијата запреземените активности за склучување на меѓувладин договор за имплементација на FATCA режимот во Република Македонија и за позициите на САД во однос на потребата од склучување на договор со Република Македонија, за усогласување на даноците по странски сметки (Foreign Account Tax Compliance Act -FATCA), кој има за цел да го спречи затајувањето на данокот од страна на американските даночни обврзници кои имаат сметки во странство.

На денешната седница владата да ја усвои информацијата во врска со активностите кои ги превзема Република Македонија кон Бернската Конвенцијазаразвој на хидроенергетски проекти на територија на Националниот парк Маврово во Република Македонија. Владата го задолжикабиентот на Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, да формира работна група, со цел да ги следи активностите за Бернската Конвенција и да ги подготвува Извештаите кон Конвенцијата.

Тргнувајки од информацијата за квалитет на воздухот во Република Македонија за месец октомври 2017 година, и од извештајот за работата на Интер-ресорската група составена од 17 државни институции и граѓански еколошки организации, владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерство за здравство, да ги соопшти на јавноста препораките и мерките што ќе се применуваат при надминување на прагот на алармирање на одредена загадувачка супстанца

На седницата владата го разгледа и усвои Предлог – законот за амнестија, и го задолжи Министерството за правда да го преработи текстот на Предлог – законот за амнестија, како текст на предлог – закон кој се носи во редовна постапка и да предвиди одредба со која ќе биде дефиниран датумот, дека истиот се однесува за кривични дела предвидени со одредбите од овој предлог – закон сторени до 20.9.2017 година.

Владата ја истакна потребата од организирање на јавна расправа и отворена дебата на оваа тема и го задолжи Министерството за правда истите да ги организира по текстот на одредбите од Предлог – законот, и пред владата да достави нов пречистен и усогласен текст на Предлог – законот за амнестија, откако ќе измине периодот на консултации и откако ќе завршат јавните расправи и отворени дебати.

На предлог на Министерството за информатичко општество и администрација, владата ја разгледа и усвои информацијата за потпишување Меморандум за соработка со Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за реализација на проект за модернизација и трансформација на јавната администрација.

Владата на РМ утврди Предлог-законот за ратификација на Договорот за основање на транспортна заедница, кој ќе биде доставен до Собранието на Република Македонија. Целта на овој Договор е воспоставување на Транспортна Заедница меѓу Република Македонија, Црна Гора, Република Србија, Република Албанија и Босна и Херцеговина во областа на патниот сообраќај, железничкиот сообраќај, внатрешните пловни патишта и поморскиот сообраќај, како и развој на транспортната мрежа помеѓу Европската Унија и земјите на Југоисточна Европа.

На оваа седница владата ја усвои Информацијата за аплицирање за грант од норвешкото Министерство за надворешни работи за имплементација на проект за изработка на систем за процесирање на класифицирани информации во Министерството за надворешни работи.

Владата го разгледа Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за преземање на лица со незаконски престој и Протокол за спроведување на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за преземање на лица со незаконски престој, како и Протоколот помеѓу владите на двете земји за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

На оваа 40-та, редовна седница, владата ја разгледа информацијата за реализација на Проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за зима 2018 година. Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од 5 дена да донесе Процедура за реализација на проектот за користење на услугата за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за време на зимскиот распуст во учебната 2017/2018 година.

На предлог на Министерството за образование и наука, на денешната седница на владата ја разгледа информацијата за резултатите што ги постигнале учениците од Македонија во меѓународните програми за оценување (PISA и TIMSS) и реформите што произлегуваат од постигнатите резултати, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Намалување на партиципацијата за 50% на студентите од самохрани и еднородителски семејства“.

Владата денеска ја прифати ургенција по Иницијативата за измена и дополнување на закони и други подзаконски акти, доставена од Народниот правобранител на Република Македонија со цел спречување на последиците од склучување на малолетнички бракови.

На оваа седница, владата ја разгледа Информацијата за основање на Специјализирана национална математичка гимназија во Скопје, и го задолжи Министерството за образование и наука да подготви анализа и да достави предлог со активности за основање на Специјализирана национална математичка гимназија.

Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во однос на состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион, и го задолжи Министерството за култура да формира работна група со цел изработка на акциски план за постапување по одлуките кои произлегуваат од 41-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.