24/11/2024
Македонија

Владата на Република Македонија ја одржа 41-та седница

Влада на Република Македонија на денешната 41 седница го разгледа и утврди и предлог – текстот на Годишната национална програма на Република Македонија за членство во НАТО за 2017-2018 година, како документ отворен за натамошна надградба. На седницата се донесе одлука делегацијата на Македонија да ја претстави Годишната национална програма за членство во НАТО за 2017-2018 година, со што официјално ќе започне 18-от циклус на Акциониот план за членство во НАТО, пред Комитетот на заменици постојани претставници на земјите членки во алијансата, на состанокот закажан за 11 декември 2017 година во Брисел.

Владата ја разгледа доставената информација од страна на Амбасадата на нашата земја во Тирана за состојбите во Република Албанија по големите поплави. Владата ги задолжи Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за надворешни работи и другите надлежни институции во рок од три дена да достават предлог решение за испраќање хуманитарна помош кон регионите во Албанија кои се зафатени со поплавите.

Владата на денешната седница го усвои и предлог законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, позната како Истанбулската конвенција, со што се создавааат услови за еден поширок и посеопфатен пристап во борбата против насилството.

Од кадровски решенија, на денешната седница владата за Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на Република Македонија го именува Павле Трајанов.

Министерството за економија на владината седница ја презентираше информацијата за изменување на Законот за трговија согласно иницијативата на посетените компании во рамки на проектот „Учиме од бизнис заедницата“. Со информацијата, Министерството за економија во рок од два месеци треба да достави Предлог за изменување на законот за трговија за укинyвање на времето за продажба на алкохол и укинување на ограничувањето, односно забраната на продажба на алкохол во киосци, за кои ќе се издава лиценца.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата за потребата од финансиски средства за санација на метеоролошките станици во Демир Капија, Штип и Крива Паланка и за поправка на радарскиот систем во Ѓуриште.

На денешната седница се донесоа заклучоци со кои на АД ЕЛЕМ му се наложува да не започнува никакви инвестициони активности за проекти надвор од основната дејност, незапочнатите проекти да не влегуваат во инвестиционата програма за 2018 година, и да се испита можноста за раскинување на склучените договорите за кои не е започната реализација, во случај да не постојат финансиски импликации.

На денешната седница министрите ја разгледаа и усвоија информацијата за реконструкција на железничката пруга Куманово – Бељаковце од железничкиот коридор 8, со што се задолжува ЈП Македонски железници веднаш да пристапи кон формирање единица за реализација на проектот и на акциски план во кој ќе бидат наведени сите активности кои треба да се преземат за надминување на проблемите со утврдена динамика и временски рок.