Владата на Република Македонија станува партнер во финансирање иновативни проекти на домашните компании
Во Владата на Република Македонија денеска се одржа свеченост по повод доделувањето на договорите за финансирање на иновативни проекти на 20 домашни микро, мали и средни претпријатија кои аплицираа на два јавни повици спроведени од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.
Претседателот на Владата на Република Македонија во своето обраќање посочи дека Владата на Република Македонија и во иднина поизразено ќе вложува буџетски средства за развој на иновациите и порача дека соработката со Светска банка продолжува, институциите ќе продолжат да работат како сервис и партнер на бизнисот во остварување на целите за развој и на бизнис идеите како дел од севкупниот развој на економијата.
На денешниот настан свое обраќање имаше и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев кој истакна дека оваа влада за 47 % определи повеќе средства за поддршка на економијата во Република Македонија и за прв пат ги поддржува македонските компании.
– На сите добитници им честитам и посакувам проектите да бидат имплементирани што поскоро, а тие да видат бенефит од таквите проекти. Овие проекти се доказ дека ние имаме млади паметни луѓе и ако тие млади паметни луѓе се поддржани ќе има зошто да останат да живеат и работат во Македонија – рече вицепремиерот Анѓушев.
На настанот се обрати и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски кој истакна дека за прв пат Владата на Република Македонија заедно со институцијата што тој ја раководи стануваат инвеститори во развојот на компаниите, а со тоа и во развојот на економијата и најави дека во подготовка е повик за финансирање на проекти од третиот столб на Планот за економски раст за кој се издвоени 185 милиони денари.
– На денешниот настан ги претставуваме првите резултати од еден поинаков концепт за поддршка на економијата и растот. Доделуваме 20 договори за финансирање на иновативни проекти преку кои Владата на Република Македонија односно Фондот за иновации и технолошки развој станува инвеститор во развојот на компаниите и економијата – истакна директорот Деспотовски.
Директорот на Светска банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели во своето обраќање му честита на Фондот за иновации и технолошки развој за успешното завршување на четвртиот повик и на добитниците им посака успешно реализирање на проектите.
– Како претставник на Светска банка можам да кажам дека сме особено горди што ја поддржуваме Владата на Република Македонија во обидите да ги трансформира технолошките и иновативните потенцијали во вистински економски резултати – порача директорот на Светска банка во Македонија Марко Мантованели.
И претставници на компаниите потписнички на договорите во своите обраќања објаснија на кој начин оваа финансиска поддршка ќе им помогне во реализација и понатамошно развивање на нивните иновативни проекти.
Стефан Митевски од компанијата Системс фор Ентерпрајс порача дека мисијата на неговата компанија е таа да стане иновациски центар во осигурителната индустрија и дека овој тип на финансиска поддршка е значајна во процесот на креирање на нови производи, додека претставникот на иноваторите на ГЕТ велосипедот за компанијата Венито Комерц посочи дека оваа иновативна идеја е пред сè на група студенти, потпомогнати од компанијата, а сега и од владата и Фондот за иновации, чијашто реализација во иднина ќе значи и дел од решавање на проблемот со загаденоста на воздухот во урбаните средини.
Премиерот Заев до младите луѓе – иноватори: Вашата креативна енергија е движечката сила на Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на свеченото доделување на договори за финансирање на иновативни проекти на 20 домашни компании. Во своето обраќање премиерот Заев истакна:
Почитувани претставници на компаниите,
Почитувани присутни,
Особено задоволство ми претставува што ја имам честа да обзнанам дека Владата на Република Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Светска банка денеска ќе врачат договори на 20 домашни компании за финансирање иновативни проекти. Вкупната вредност на овие договори изнесува вкупно 80 милиони денари, од кои 58 милиони денари се обезбедени од Владата на Република Македонија во соработка со Светска Банка.
За прв пат Владата на Република Македонија станува партнер во финансирање иновативни проекти на домашните компании.
Иновациите и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економските политики.
Цврсто сме уверени дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат еден од генераторите на економскиот развој на земјата и причина поради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат тука, во Македонија.
Јас знам и со сигурност можам да констатирам дека нашата земја поседува огромен потенцијал за развој на иновативноста.
Потребни се иновации, потребен е технолошки развој, за македонската економија да тргне со силни чекори напред. Ги утврдивме потребите на општеството и знаеме дека на младите луѓе им треба поддршка. И затоа, таа шанса младите луѓе веќе ја добиваат дома, во нивната родна земја, во Република Македонија.
Со Планот за економски раст креиравме мерки за поддршка на иновативноста и технолошкиот развој на македонските компании.
Младите луѓе – иноватори кои се присутни денеска овде се доказ дека нашата земја изобилува со креативни, способни и вредни луѓе спремни да го следат и реализираат својот сон, да преземат акција, да креираат нови вредности.
Сакам да знаете, и вие коишто сте присутни денеска овде, но и сите други кои имаат креативни идеи, дека Владата на Република Македонија ќе биде Ваш искрен партнер, ќе ве следи и ќе ви дава поддршка на тој пат.
Вашата креативна енергија е движечката сила на Македонија да чекори напред! Вие, младите, ги имате идеите за обмислување на иднината на нашето заедничко општество.
Почитувани,
Иновативните проекти коишто денеска ќе добијат договори за финансирање се дополнителен поттик кон севкупното подигање на стандардот во државата. А ние како земја целиме да ги достигнеме европските стандарди. Од тие причини, многу значајна е улогата што иновациите и технолошкиот развој ја имаат како важна компонента на економскиот раст.
Ние како држава ќе ја продолжиме соработката со Светска банка и други меѓународни финансиски институции за остварување на една ваква важна цел.
Од друга страна уште поизразено ќе инвестираме буџетски средства за развој на иновациите и за технолошки развој на компаниите.
За прв пат со буџетски пари пилотираме инструмент за иновации во јавниот сектор.
Денеска ќе ги доделиме и склучените договори од О2 предизвикот.
Од буџетот обезбедивме пари за финансирање иновативни проекти и решенија коишто ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот во урбаните средини. Тие пари ги ослободивме преку кратење на непродуктивни трошоци во државниот буџет.
Станува збор за иновативни проекти што ги финансира државата, а кои во суштина претставуваат новитети, како што се електрични велосипеди, воздушен колектор, бизнис модел за замена на стари грејни тела во домаќинствата со нови, прочистувач за гасови кои се исфрлаат од индустриските објекти, развој на полимери.
Покрај овие проекти од предизвикот О2, Владата на Република Македонија заедно со Светска банка денеска ќе врачи договори и на други 15-тина иновативни проекти на компании чиишто претставници се денеска овде присутни.
Детално се запознав со проектите, станува збор за исклучително импресивен и креативен ангажман на наши граѓани.
Ќе наведам неколку од проектите:, како што е Интерактивната USB училишна табла, Taxi polling апликацијата, Интегриран е-систем за следење на здравствена состојба на ризична група на пациенти, паметен систем за читање на водомери и други. Но верувајте, сите наградени проекти се подеднакво важни и креативни.
Ја користам оваа можност да се заблагодарам на Светска Банка за поддршката во овој, но и во сите други проекти кои придонесуваат за растот на економијата, и за севкупниот развој на Република Македонија.
Уште еднаш потенцирам, Владата на Република Македонија ќе остане посветена на поддршката на Фондот за иновации и технолошки развој. Остануваме сите заедно, со другите институции, да бидеме сервис и партнер на бизнисот, кои ќе помагаат во остварување на целите за развој и на бизнис идеите како дел од севкупниот развој на економијата!
Ви честитам на сите од срце и ви посакувам среќа, успех и многу нови остварувања на полето на иновативната дејност.