22/11/2024
Македонија

Владата презема чекори за имплементација на дуалното образование и за намалување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за образование и наука, Арбр Адеми денес учествуваа на трибина „Дуално образование-следни чекори“ во организација на Европската бизнис асоцијација и Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерот за економски прашања пред претставниците на бизнис и академската заедница истакна дека Владата презема чекори за имплементација на дуалниот систем за образование во средните стручни училишта во насока на креирање на квалитетен, едуциран и добро обучен млад кадар со кој би се намалил јазот помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот. Тој додаде дека во овој момент во неколку средни училишта во Северна Македонија веќе се спроведува експериментално дуално образование во кое се опфатени околу 200 ученици.

„Дуалното образование дава добри резултати во некои од западноевропските земји, секако дека не можеме во целост да ги преземеме модулите на овој тип на образование од земји како Германија и Австрија, каде во едно средно училиште се едуцираат цели паралелки за само една компанија. Системот на дуално образование подразбира учење преку работа, односно учениците дел од времето ќе поминат во училница, а дел од времето на практична работа во самите компании. Секако за тој ангажман ќе треба да добиваат и соодветен надоместок, за што ќе мора да се направат измени во неколку закони. Дуалното образование во нашата земја ќе биде креирано за потребите на компаниите од поодделни градови и средните стручни училишта ќе ги моделираат програмите согласно потребите на компаниите од соодветните градови. Оваа училишна година ги засилуваме капацитетите на средните стручни училишта, а веќе од наредната училишна година од септември 2020, очекуваме да се имплементира дуалното образование во повеќе од средните технички училишта“, нагласи Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска истакна дека Владата со бизнис секторот прави широки консултации за недостигот на кадар и можноста за преквалификација и доквалификација според побарувањата на компаниите. Тоа го правиме со прилагодување на активните мерките од Оперативниот план со вистинските побарувања на пазарот на труд. Со мерката практиканство која од годинава е преточена во Законот лани беа вклучени 1.263 лица до 34 години. Сега со Законот се дава можност на младите веднаш по завршување на образованието да работат во компаниите и за тоа да им биде платено, а бизнисот да детектира квалитетен кадар. Исто така одлични резултати даде и Гаранцијата за млади со која лани од 5.566 вклучени лица, се вработија 1.839. Годинава со Гаранција за млади е планиран опфат на 9.500 лица. Со оперативниот план имаме предвидено 43 милиони денари за обуки за ИТ и дигитални вештини што е неколкукратно зголемување во однос на лани и ќе бидат опфатени 1.323 невработени лица. 

„Младите се иднината на оваа држава. Токму затоа, обврска на секој од нас е да вложуваме во нив, во нивно образование и услови за напредок. Наша задача е да ги насочиме, да им ги отвориме вратите и да им покажеме дека е можно да се успее. Дуалното образование е еден начин да го направиме токму тоа. Да создадеме млади лица кои знаат што сакаат да работат и како да прават тоа. На овој начин им овозможуваме сигурен влез на пазарот на трудот и шанса за професинален развој, а на работодавците им нудиме подготвен кадар, кој може веднаш да почне да работи”, рече Царовска.

Министерот за образование и наука, Адеми рече дека дуалното образование почна со една компанијата ЕВН Македонија која пред две години започна соработка со електротехничкото училиште „Михајло Пупин“ во Скопје. 

„Минатата година, односно оваа учебна година се вклучија уште две компании Дрексел Мајер од Кавадарци и Костал од Охрид, како и две училишта „Киро Спанџов Брко“ од Кавадарци и „Св.Наум Охридски“ во Охрид. Во новата учебна година од септември, во овие училишта се воведуваат и нови образовни профили кои исто така ќе реализираат дуално образование, а се вклучуваат уште неколку компании како ЛТХ Леарница, ODW – Elektronik,, Kromberg & Schubert, Гентерм и Витаминка, како и три нови училишта „Ристе Ристески – Ричко“ од Прилеп, „Ѓорѓи Наумов“ од Битола и средното стручно училиште „Гостивар“.

Накратко, почнавме со 2 паралелки и вкупно 33 ученици, а од септември ќе имаме 15 паралелки и 287 ученици. Тоа е добар напредок и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во периодот што следи. А во меѓувреме, ќе ги детектираме и ќе работиме на отстранување на сите предизвици. Во тој контекст, денес сум тука да Ве слушнам и да го забележам вашето мислење, сугестии и предлози во интерес на унапредување на концептот на дуално образование”, рече Адеми.