22/11/2024
Македонија

Владата вечерва ќе ја одржи 53-та редовна седница

Владата на Република Северна Македонија вечерва ќе ја одржи 53-тата редовна седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

На оваа седница Владата ќе ја разгледа информацијата за унапредување на процесот на фискална децентрализација што ќе ја презентира Министерот за финансии.

Пред министрите во Владата денеска ќе се најде и информацијата за доставување на ИПА III стратешкиот одговор и Акциските документи за 2021 до Европска Комисија, како и информацијата за подготовка на седумнаесеттиот состанок на Поткомитет за иновации, информатичко општество и социјална политика кој ќе се одржи на 23 март.

За донесените одлуки и заклучоци од седницата, која ќе се одржи преку видеоконференциска интернет врска и која ќе започне во 19:00 часот, јавноста ќе биде известена преку соопштение веднаш штом ќе биде завршена.