Владина делегација учествува на 6-тиот Самит на Иницијативата „16+1“ во Будимпешта
Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, како дел од делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, учествува на 6-тиот Самит на шефови на влади на Иницијативата „16+1“ за соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа, кој се одржува во Будимпешта, Унгарија…
Во владината делегација се и Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Крешник Бектеши, министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи и национален координатор за соработка со „16+1“, како и Фатмир Бесими, советник за економија во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија.
Делегацијата присуствува и на церемонијата на отворањето на економскиот, трговскиот и финансиски форум, како и во работата на пленарната сесија на форумот, на која свое обраќање ќе има и премиерот Зоран Заев.
Инаку, министерот Алаѓозовски, на крајот на септември учествуваше на Третиот форум за соработка помеѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16+1), што се одржа во кинескиот град Хангжу. На овој самит беше одлучено да се востанови Координативен центар за културна соработка на Иницијативата „16+1“ чие седиште ќе биде во Македонија, што беше поддржано од сите земји – членки на Иницијативата.
На Форумот во Хангжу беше потпишан и Меморандум за разбирање меѓу министерствата за култура на 16 земји од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина (Иницијатива 16+1), а Македонија ќе биде домаќин на Форумот во 2019 година.