26/11/2024
Македонија

Владини претставници посакаа успешна работа и продолжување на соработката со новото раководството на Македонско-бугарската стопанска комора

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ денеска присуствуваа на годишното изборно Собрание на Македонско-бугарската стопанска комора на којашто беше избран нов претседател.

Премиерот Заев во своето обраќање му го честиташе изборот на Кирил Лазаров за нов претседател на Македонско-бугарската стопанска комора и му посака успешна работа.

„На самиот почеток дозволете ми да му го честитам изборот за нов претседател на Македонско бугарската стопанска комора на Кирил Лазаров и да му посакам успешна работа. Сакам да ви оддадам признание на вас членките на Македонско-бугарската стопанска комора и да ви укажам на вашата значајна улога во зајакнување на соработката со нашата соседна земја, Република Бугарија. Во иднина вашата работа ќе претставува значаен јазол којшто ќе ги поврзува земјите и бизнисот на економски план.“ порача премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев посочи дека Република Бугарија и Република Македонија негуваат добри економски односи, а по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу двете земји, вратите за економска соработка се уште повеќе отворени.

„По потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка  помеѓу Република Бугарија и Република Македонија, трговската размена помеѓу двете земји е зголемена за над 11% и за очекување е оваа соработка да расте уште повеќе во иднина. Во Владата сме согласни дека треба да ја унапредуваме регионалната соработка со соседните земји како Бугарија, со кои имаме сличен менталитет и јазик и на тој начин да ја зголемуваме соработката со ЕУ “, нагласи Анѓушев, при што ги повика компаниите со бугарски капитал да ги искористат Владините мерки од Планот за економски раст и ги поттикна македонските стопанственици да го освојуваат пазарот на соседните земји.

Министерот Зоран Шапуриќ го поздрави седум годишното постоење на Македонско-бугарската стопанска комора и истакна дека и политичката клима во двете земји влијание на зголемување на зголемената економска соработка помеѓу двете земји, при што посочи дека во таа насока и во Република Бугарија веќе е создадена Бугарско-македонска стопанска комора. 

„Економската соработка покажува значителен пораст и со овој тренд дека може да очекуваме трговската размена за 1-2 години оваа размена да надмине и над 1 милијарда евра“, нагласи Шапуриќ.