22/11/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Дали директорот Грданоски чувствува одговорност каде и како ги троши парите на граѓаните?

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес пред општинската зграда одржа прес-конференција, на која говореше Јордан Пуроски.

„Недомаќинското и неодговорно работење е синоним за Локалната власт на СДСМ.

Трошењето народни пари за функционерите од СДСМ е аминувано од градоначалникот Константин Георгиески.

Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски неколкукратно ги зголемил своите расходи за репрезентација. Покрај останатите трошоци како рекламен материјал, најголеми се трошоците направени по хотелите и рестораните.

Дали директорот Грданоски чувствува одговорност каде и како ги троши парите на граѓаните?

Со тие пари зарем немаше да се реши проблемот со стационарот и бездомните кучиња во градот?

Го охрабруваме да им објасни на охриѓани колку потрошил за угостителски услуги за 2018 година?

Бројките зборуваат дека од 57 илјади денари во 2017 година, расходите за репрезентација се зголемиле на 230 илјади денари во 2018.

Додека трошоците за репрезентација се зголемени за четирипати повеќе отколку во 2017 година никнуваат диви депонии на секој чекор, а контејнерите низ градот се преполни со ѓубре.

Зошто се уште градоначалникот Георгиески нема побарано одговорност и не го разрешува директорот Грданоски?

Георгиески и Грданоски цела летна сезона не можат се справат со запалената депонија Буково и за жал повторно одлагаат отпад на депонијата на Мауцкер.

Охрид и охриѓани не заслужуваат ваква неодговорна и неспособна Локална власт.“ – истакна Пуроски.