ВМРО-ДПМНЕ: Донесени скандалозни одлуки во ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга
ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Почитувани стружани, дојде животот во Струга!
Денес, за жал, се донесоа скандалозни одлуки во ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга.
Не е првпат, туку по кој знае кој пат, СДС и нивните функционери ги наградуваат своите сопартијци, верни на оваа предавничка власт, а од друга страна, по принципот на „јадење живи луѓе“ им се реваншираат на останатите неистомисленици.
Имено, в.д. директорката на ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга, Наташа Пинтоска-Беќароска им одзеде одделенија и часови на одредени наставници кои што не се согласуваат со водењето на политиката на СДС во Струга и истите им ги распредели на други наставници, блиски поддржувачи на сегашната власт.
Неподготвеноста на в.д. директорката, нејзината безидејност и неспособност да раководи со училиштетото, се покажаа на дело, токму преку овие нејзини скандалозни одлуки, кои се политички и партиски пред се, а оставаат последици врз психо-физичкиот развој на децата кои се само невини жртви.
Оттука се поставува прашањето, дали оваа демократија на в.д. директорката, која патем е примена и доби решение од „режимот“ на ВМРО-ДПМНЕ, претставува отворен повик за партизација на ООУ „Јосип Броз Тито“ и отворена борба против се што не е СДС, или станува збор за приватизација на училиштето во малиот џеб на директорката.
Како и да е, наместо обединување и демократија која се прокламира на секој чекор, ова е самоволие и создавање на се поголема нетрпеливост. Се делат работни места, не по способност и знаење, туку по партиска основа, а децата наместо да се гледаат како зеница во окото, за в.д. директорката на ООУ „Јосип Броз Тито“ и СДС се колатерална штета и прашање кое не заслужува одговор.
Секоја политичка одлука, донесена врз грбот на децата е за секаква осуда!“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, ОК – Струга.