23/11/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Георгиески го награди Усеини со 45 илјади евра за фудбалскиот клуб наместо да ги руши неговите дивоградби

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Георгиески со последниот ребаланс на буџетот му додели 2.750.000 денари на ФК Воска Спорт, сопственост на Нефи Усеини.

На два месеци пред избори Георгиески одвои речиси 45 илјади евра финансирајќи го клубот на неговиот коалиционен партнер и до неодамна советник во Советот на општина Охрид.

Дали ова претставува дел од предизборниот поткуп на Георгиески?

Георгиески е уценет и со пари од граѓаните сега ги плаќа фактурите од минатите избори за кои е должник кон неговиот коалиционен партнер.

Ако е чесен и искрен во своите намери за Охрид тогаш зошто не обезбеди средства за да ги руши дивоградбите во сопственост на контроверзниот Усеини, туку го наградува?

Двојните аршини на Власта се гледаат кога пред две години побаравме средства за поддршка на КК АВ Охрид, тогаш истата ги одби правдајќи се дека не финансира приватни клубови.

Зарем сега не се работи за приватен спортски клуб?

Со Георгиески нема никаква поддршка за граѓаните, туку само за луѓето од власта.

Казната на Георгиески и СДСМ им доаѓа за брзо преку пораз на локалните избори, а охриѓани самите ќе одлучуваат за своите пари и проектите кои им се потребни.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.