22/11/2024
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ги претстави кандидатите кои ги исполнуваат условите за кандидат за претседател

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Владо Мисајловски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Комисијата за утврдување на кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ вчера одржа седница на која ги разгледа поднесените пријави за пројавување интерес за кандидат за Претседател на Република Македонија, кои ќе учествуваат на претстојната Конвенција на 16-ти февруари во Струга. Комисијата утврди дека се поднесени 10 кандидатури, од кои една кандидатура е поднесена по рокот за пријавување и е отфрлена како ненавремена.

Кандидатите кои ги исполниле условите, се следните:

  • Никита Шекутковски, Доктор на математички науки и редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје, член на Институтот за математика.
  • Ѓорѓи Манасков, машински инженер и Претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија.
  • Васко Костов, фармацевтски техничар.
  • Влатко Ѓорчев, правник, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на  Извршен Комитет  на ВМРО-ДПМНЕ.
  • Гордана Силјановска Давкова, редовен професор на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, член на Институтот за правни и политички науки, катедра за уставно право и политички систем.
  • Илија Димовски, професор во пензија на Шумарски факултет при УКИМ  во Скопје.
  • Филип Петровски, Д-р на политички науки и поранешен директор на Државниот Архив на Република Македонија.
  • Горан Ангелов, правник, поранешен градоначалник на општина Виница во два мандати и Претседател на ЗЕЛС во еден мандат.
  • Сашо Кутлешовски, Д-р по земјоделски науки.

ВМРО-ДПМНЕ ќе им овозможи на сите пријавени еднаков пристап до Општинските Комитети на партијата во период од 6-ти до 16-ти февруари, со цел презентација на нивната програма и визија за Македонија. Сите кандидати ќе имаат еднаков третман и еднакви можности да бидат избрани, согласно принципите на демократија.

Транспарентноста и демократијата на процесот е со цел да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните и ќе работи во  согласност со Уставот и законите во полза на сите граѓани.

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикува власта, да престане да ги става личните и партиски интереси над државните и да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Државата повеќе нема време за губење, Република Македонија не смее да продолжи да тоне. СДСМ која во изминативе две години донесе само неуспеси мора да си замине.