ВМРО-ДПМНЕ: Господине Милевски, очигледно сте заслепени од самоволието или не сте добро информирани за случувањата во Струга
ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга, испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Денес во посета на Струга бил министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
На средбата со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, констатирале дека трска има на езерското крајбрежје колку што им гледало окото.
Е па вака, почитуван господине Милевски, очигледно сте заслепени од самоволието или не сте добро информирани за случувањата во град Струга!
Како тоа, сте ја виделе трската, а сведок беше цела Македонија на снимките кои осамнаа, каде што трската во Струга се палеше безмилосно!
Каков е овој безобразлук, сте напишале статус во кој граѓаните ги лажете, без око да Ви трепне.
Би ни било задоволство, да дојдете во Струга, на наша покана и ние да Ве прошетаме по езерското крајбрежје и да Ве соочиме со реалноста.
Да Ве потсетиме, Вие сте Министер за локална самоуправа, ако Вие не преземете мерки за работењето на градоначалниците, тогаш тоа министерство треба да го препуштите на некој соодветен кадар, кој би ја работел работата, така како што треба!
Доста е со лажни статуси не може да нè правите слепи при очи, и да ни ја навредувате интелегенцијата!
Ако прошетавте убаво низ Струга, ќе видевте со какво дивеење и хаос се соочуваат нашите сограѓани.
Имено, во текот на вчерашниот ден, стружани беа сведоци на уште еден немил настан кој што е само дел од многуте, во кои на дело се покажа дивеењето низ струшките улици. При рутинска контрола на сообраќајната полиција, беа нападнати двајца полицајци кои што си ја вршеа својата службена должност. Притоа, по нивниот напад полицајците побарале засилување од свои колеги за подоцна да настане бркотница низ струшките улици, каде што напаѓачите избегале, а полицијата ги бркала.
Почитувани, зарем не ви наликува ова на криминалистичко-авантуристички филм? Но, за жал, сето ова е само дел од струшкото секојдневие.
ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Струга најостро го осудува ваквиот вид на насилство и дивеење и бара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, што поскоро да го расветли случајот и да се преземат сите соодветни мерки за насилниците да бидат казнети“, стои во соопштението.