ВМРО-ДПМНЕ: Какво е чувството да го згазите тој што ви подал рака кога ви била најпотребна?
ОК ВМРО ДПМНЕ-Струга испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Струшката јавност деновиве беше згрозена од немилосрдните политики кои беа спроведени во основните и средните училишта во нашата општина. Нечовечноста со која што директорите на училиштата, кадри поставени од СДС, им ја запечатија судбината на многу професори, само докажа дека кај нив се уште постои, а веројатно и понатаму ќе постои прнципот по кој ,,ќе јадат живи луѓе“. Зачудувачки е со каква леснотија оставија луѓе на улица и им ја одзедоа егзистенцијата, без грам совест и грижа за истите.
Но, тука се отвори едно друго круцијално прашање, а тоа е:
-Дали, вие, господа од СДС, знаете кого ,,изедовте“?
Тоа се луѓе кои што никогаш, ништо не ви згрешиле!
Во однос на сомнежите околу тоа, дали се работи за политички реваншизам, или ,,вратка“ за тоа што се случувало претходно, нешто ќе ви појасниме…
Во изминатиот период од 10-11 години, додека владееше претходната власт, голем број луѓе од СДС беа згрижени во основните и средните училишта во општина Струга и им беа дадени Решенија на неопределено работно време, а со тоа, секако им беше решено егзистенцијалното, животно прашање. Да напоменеме, не се ова измислици, ова се факти, засновани врз докази кои постојат во архивите на тие училишта.
Долг е списокот на професори, членови и акттивисти на СДС кои се здобиле со Решенија на непоределено работно време, токму во изминатиот период, во владеењето на таканаречениот ,,режим“.
Ќе ги запрашаме, почитуваните господа од СДС, дали можеби грешиме, или е тоа навистина така, почнувајќи од врхушката на струшкиот огранок на СДС и почитуваниот пратеник, Јован Митрески и неговата сопруга, Билјана Митреска? Потоа, кадровиците на СДС, кои со невидена леснотија, ги избркаа своите колеги од работа, после 10- 15 години работен стаж, Ацо Ѓуроски- Љапе и Марија Ашталкоска?
Понатаму, в.д. директорката на ООУ ,,Јосип Броз Тито“, Наташа Пинтоска- Беќароска, која што на ист начин, како и претходниците, се изживуваше врз сопствените колеги, и тоа без ронка срам и достоинство.
Почитувани, списокот е мошне долг, фрапантна е бројката на вработени луѓе, членови и активисти на СДС во образовните институции во општината, во период на претходните 10 години…
Можеме и целиот да го објавиме, доколку јавноста тоа го сака…
Господа, ве потсетуваме, од овие луѓе, чие месо ,,го јадете“ хранејќи ја вашата суета, вие сега дома леб им давате на сопствените деца. Овие луѓе, не се хранеа со вас, не ве бркаа од работа и не си играа со вашето достоинство, туку ве примија на работа, ве згрижија и ви дадоа решенија. Го обелоденуваме ова, само за да ја согледате разликата помеѓу владеењето на претходните, и овие сегашниве.
И на крајот на краиштата, сепак сите сме само луѓе од крв и месо, но сепак по делата ќе останеме запаметени. А вие, господа, по што ќе бидете вие запаметени, по нечовечноста само, и по ништо друго!
На крајот, би сакале да ве запрашаме:
-Дали се срамите и дали ве гризе совеста за неправдата која што им ја нанесовте на своите долгогодишни колеги и ,,пријатели,,?
-Какво е чувството да го згазите тој што ви подал рака кога ви била најпотребна?
Ќе ве потсетиме уште еднаш, со наша помош ги храните дома вашите деца, а нашите останаа на улица поради вашата немилосрдност, нечовечност и бесрамност! “- стои во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ОК Струга.