ВМРО-ДПМНЕ ОК Струга: Градоначалникот редно е веќе да се замисли, а и добро да погледне во неговиот двор
ОК ВМРО – ДПМНЕ Струга, испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Денес во посета на Струга беше Амбасадорката на Велика Британија во земјава, Рејчел Галовеј.
Градоначалникот на град Струга, Рамиз Мерко доби уште една опомена, да се заложи регионот околу Охридското езеро да го зачува статусот кој го има под УНЕСКО.
Но, одговорот на господинот Мерко е секогаш ист!
Е, па господине Мерко, затоа што на секоја опомена одговарате дека нема дивоградби во Струга, би сакале да ве поканиме еден ден да прошетаме заедно покрај езерското крајбрежје и да Ви ги покажеме дивоградбите кои патем требаше да бидат спортски објекти, а преку ноќ се претворија во ресторани и сали за свадби, од кои секоја вечер се слуша гласна музика, со која се нарушува мирот на нашите сограѓани, но и на нашите туристи и посетители.
Би Ве однеле и по кејот на Црн Дрим и таму убаво да ги видите дивоградбите.
И секако добро да ја видите депонијата, која сега почна да изникнува и на секој ќош во градот.
Што друго да Ви кажеме, премногу опомени, а Вие и вашите коалициони партнери од СДСМ не мрдате со малиот прст, да превземете било каква активност, со цел заштита на Струга и стружани!
Редно е веќе да се замислите, и вие добро да погледнете во вашиот двор!
Оваа тортура, стружани нема да ја опростат и нема да ја заборават!
Се гледаме на избори!“- стои во соопштението.