ВМРО-ДПМНЕ: Партиските интереси на градоначалникот и директорката на ЈП „Билјанини извори“ им се поважни од развојот на спортот во Охрид
Во врска со отчетот на ЈП „Билјанини Извори“ реакција испрати ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид во која стои:
„Партиските активности на градоначалникот Јован Стојаноски и директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска им се поважни од проблемите на граѓаните и развојот на спортот во градот.
До каде е модернизацијата на спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ како спортски комплекс вклучувајќи сали, базени, балон сала?
Нема изградба на спортски сали и подобрување на опремата и хигиенските услови во постоечките спортски сали.
Со модернизација на системот за наплата на паркинг не се олесни начинот на наплата туку целиот систем се покажа како нефункционален и често за 1 час паркирање граѓаните беа приморани да плаќаат по неколку часа затоа што немаа можност да се одјават, а бројот на вработени остана ист. На охриѓани не им беа ветувани рампи кои создадоа сообраќаен хаос. Целта со паркинг-зоните не беше да се воведе ред во паркирањето туку профит со проширување на зоните и поскап паркинг.
Нема изградба на нови спортски терени, постоечките пропаѓаат поради негрижа, игралиштата се обраснати во трева и апсолутно никој не се грижи за нив. Не се одржуваат ни поголеми настани како што беа европското и светското првенство во младински категории во кошарка и ракомет.
Каде е уште едната трибина на фудбалскиот стадион што беше ветувана?
Директорката Јованоска да престане да се шета по паркинзи и да се фати за работа со цел модернизација на спортските објекти и подобри услови за развој на спортот во Охрид.“- стои во реакцијата.