ВМРО-ДПМНЕ: Почетокот на учебната година е разочарувачки и за наставниците и за учениците во Струга
Интегрален текст од прес-конференција на Валентина Переска, советник во Советот на општина Струга
„Почитувани претставници на власта,
Мислевме дека и овој почеток на учебната година ќе биде како вообичаените, со добро познатиот поздрав:
„Среќен почеток на учебната година!“
Но, за жал почетокот на учебната година е разочарувачки и за наставниците и за учениците.
Вие, господа од власта, ветувавте бројни законски измени, а сè уште одлуки носи советот на општина Струга, со цел нормално функционирање во образованието.
Вашето неисполнувње на ветувањата кои ги дадовте, ви ги расчистуваше советот на општина Струга, со носење одлуки на последната седница на совет.
Знаете ли зошто?
Затоа што премногу ветивте, а ништо не променивте со Законот за основно образование, а со тоа ја покажувате вашата негрижа и безидејност за креирање основни услови за образовниот процес.
И тоа треба сериозно да ве загрижи!
Да биде уште поголем проблемот, и на наставниците кои работаат во овие мизерни услови им создавате непријатности, делејќи ги на луѓе од оваа или онаа политичка партија. Оставете ги луѓето да го изразат своето право на било каква определба, и создадете им услови за нормално работење.
Направете им распореди на часови во кои ќе ги земете предвид и нивните години, нивниот работен стаж и семејните обврски. Не се изживувајте со нив и не шетајте ги во повеќе училишта или не оставајте ги со безброј празни часови, само затоа што не ја поддржуваат политиката на СДСМ.
И да, направете нешто да почне да функционира новата зграда на ООУ ,,Браќа Миладиновци” затоа што во старото училиште, во кое децата минуваат значителен дел од денот, условите се далеку од човечки.
Во најмала рака, искористете дел од средствата кои ви ги нудат голем број донатори, со цел да направите општо- корисни работи, а не работи кои се од интерес на поединци. Ваша обврска и задолжение е тоа, а не добра волја.
Корумпираната власт на СДСМ ги остави учениците без инфраструктурни проекти, учебници, а на првиот училишен час и без наставници.
Во вашиот план за живот, ветувавте задолжително едногодишно предучилишно образование, како интеграциска мерка и подготовка на децата за влез во 9 годишното основно образование.
Ветувавте дека Бирото за развој на образованието ќе се преструктурира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието.
Ветувавте низа проекти за подобрување на образовниот процес, но за жал останавте само на празно ветување!
Потсетуваме, ветувавте награди и стимулации, а креиравте навреда на честта и достоинството на професијата наставник.
Вие сте само лош пример за генерации ученици!
Негрижата на директорите на училиштата, Градоначалникот Рамиз Мерко и Министерството за образование и наука е само доказ за незаинтересираноста кон граѓаните и кон клучните проблеми, за жал овојпат и кон најмладите.
А за ваквата негрижа, на следните избори ќе го добиете судот на народот.“ – истакна Переска.