ВМРО-ДПМНЕ: Потребно е итно делување во Охрид и ставање крај на лошото менаџирање и неспроведувањето на законските регулативи
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.
„Георгиески е синоним за селективност која произведува корупција и криминал и злоупотреба на општинските институции за меѓукоалициони интереси.
Ако до пред неколку дена се зборуваше дека можеме да станеме загрозено подрачје, сега дефинитивно се потврди дека евтините трикови на Георгиески не поминуваат.
Георгиески ја поддржува урбаната мафија, покажа дека нема сила, дека се плаши како што самиот кажа да се справи со дивоградбите и сè сведе на обичен популизам и евтин пиар отстранувајќи неколку шанкови и дел од платформите во Охридското Езеро.
Таму каде што се во прашање милиони евра, дивоградби претворени во станбени згради, спратови на згради и куќи, таму не смее ни да помисли да реагира. Исто како што дозволи пред негови очи да се градат дивоградби, а тој да ги гледа и аминува, затоа што е уценет, а фактурите треба да се плаќаат.
Со оваа власт се случува деградација на природата, загадување на езерото, хаос со плажите и со урбаната опрема, чади депонијата Буково, потребно е итно делување во Охрид и ставање крај на лошото менаџирање и неспроведувањето на законските регулативи.
Георгиески да собере храброст, да се одважи и да започне со отстранување на дивоградбите, да ги усогласи деталните урбанистички планови со Планот за управување со УНЕСКО, да го ажурира инвентарот на бесправни објекти и да го објави јавно само така ќе докаже дека не е уценет и дека се залага за европски вредности и перспективи.
Соочен со пораз кој е неизбежен Георгиески ќе бара спас во непринципиелни коалиции, кои ќе му достават двојно повисоки предизборни фактури што ќе значат уништување на Охрид и иднината на охриѓани.
По локалните избори новата општинска власт во Охрид од ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ги промени работите и да го врати сјајот на Охрид.
На охриѓани им требаат луѓе кои нема да се плашат, нема да бидат уценети, кои се борат за интересите на граѓаните.“ – истакна Божиновски.