ВМРО-ДПМНЕ: Пратениците Тунтев и Лазаревска и градоначалникот Стојаноски веднаш да си поднесат оставки поради Законот за двојазичност
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Сведоци сме на историско велепредавство на Македонија.
Господата пратеници од СДСМ, Жаклина Лазаревска и Томислав Тунтев кои гласааа за Законот за двојазичност свесно ја урнисуваат унитарна Македонија за да создадат федерализирана Македонија. Дали имаат барем малку морал совест и човечност кон граѓаните на Охрид, но и дали имаат почит кон оние што ги дадоа животите за Македонија?
Ги повикуваме пратениците да излезат и да објаснат каква корист ќе има Охрид од Законот за употреба на јазиците и што значи истиот за охриѓани?
Како градоначалникот Јован Стојаноски ќе го објасни Законот пред охриѓани?
Тунтев, Лазаревска и Стојаноски ветија. Тунтев, Лазаревска и Стојаноски излажаа. Ги лажеа сопствените граѓани, но и сопствените поддржувачи. Дрско лицемерие. Веднаш да излезете пред охриѓани и гледајќи ги в очи доколку имате малку доблест ќе се извинете и ќе се засрамите!
Во многу наврати зборувавме и кажувавме, во многу наврати предупредувавме дека ни се остварила пред очи Тиранската платформа, дека се работи за донесување на двојазичност во Охрид и низ цела Македонија. „Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор“ беа зборовите за кои постојано апелиравме на претпазливост.
Маските паднаа и лагите излегоа на виделина. Со гласањето на Лазаревска и Тунтев тоа е веќе реалност. Со овој неуставен закон се наметнува двојазичност во Охрид во сите институции на секое рамниште. Исто така, двојазичност на парите, ковани и книжни, но и на униформите на полицијата, пожарникарите и здравствените работници. Згора на с`е и казни до 5000 евра за непознавање на албанскиот јазик.
Ова ли е новиот живот, ова се ветувањата на СДСМ, пратениците и Градоначалникот?
Нема 500 евра плата, нема пониски сметки за вода, нема повраток на ддв, нема затворен базен, нови вработувања, нови инвестиции, нема ништо освен пропаст на градот.
Овој закон освен што нема во ништо да го подобри секојдневниот живот на охриѓани, кои од ден во ден тонат с`е повеќе во беда и економска апатија, ниту ќе придонесе за подобар соживот, туку ќе предизвика поголем меѓуетнички јаз и блокада на институциите што скапо ќе биде платена од нивниот џеб.
Го поддржуваме претседателот Ѓорге Иванов во одлуката да не го потпише овој неуставен закон и тоа е државнички чин за заштита на интегритетот и суверенитетот на РМ. Без неговиот потпис законот е ништовен. Без указ, нема Закон.
Пратениците Тунтев и Лазаревска и градоначалникот Стојаноски веднаш да си поднесат оставки поради Законот за двојазичност.
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид уште еднаш нагласува дека не го признава Законот за употреба на јазиците и никогаш нема да го признае овој неуставен закон.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.