ВМРО-ДПМНЕ: Проблемите на стружани не само што не стивнуваат, туку се’ повеќе се продлабочуваат
ОК на ВМРО ДПМНЕ Струга испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„За жал, проблемите на стружани не само што не стивнуваат, туку се’ повеќе се продлабочуваат. Освен што граѓаните на Струга и туристите кои што го посетуваат овој туристички центар за време на летната сезона, се дават во ѓубре и смрдеа, тие се соочени со уште пострашен проблем, а тоа е немањето вода.
Во текот на летото, и оваа година, како и неколку претходни, луѓето се оставени на милост и немилост од страна на МЈП ,,Проаква”, и покрај секојдневните нивни поплаки, молби и жалби.
Почитуван градоначалнику и почитуван директоре на МЈП ,,Проаква”,
Зарем Вам не Ви пречи тоа што цел град ги преживува овие пеколни температури без вода?
Зарем Вие не сте дел од овој град и дали вака треба да изгледа нашата преубава Струга во 21 век.
Нели ветувавте подобар живот?
Ова ли е подобар живот и вака ли ќе одиме кон Европа, без вода за основни егзистенцијални потреби?
Би сакале да Ве потсетиме дека Вие сте тука за да ги решавате проблемите на граѓаните, а не да ги создавате!
Оваа состојба е веќе алармантна и неиздржлива и токму затоа поголема група граѓани од повеќе реони на општина Струга ви најавуваат тужби.
Упатуваме апел до надлежното претпријатие МЈП ,,Проаква”, како и до градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, што поскоро и сериозно да се зафатат со работа и да го решат овој горчлив проблем на граѓаните затоа што тие секојдневно, со натчовечки сили се борат со години наназад со оваа тешка состојба.
Доколку не сте способни и не можете да го решите овој алармантен проблем, напуштете ги вашите удобни фотелји и отстапете ги функциите на некој што може да се справи со овие проблеми.“– стои во соопштението.