26/11/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Проектите кои беа ветувани претходно и досега требаше да бидат завршени сега повторно се ветуваат

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите во врска со проектите ветени од страна на градоначалникот Константин Георгиески.

„СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески многу ветуваа, но не реализираа ништо за доброто на Охрид и охриѓани. Замислете проектите кои беа ветувани претходно и досега требаше да бидат завршени сега повторно се ветуваат како проекти од круцијално значење за Охрид и охриѓани.

Колку е лицемерно тоа што откако се кажа датум за предвремени избори градоначалникот Георгиески се пушти во теренска обиколка низ градот, но за жал не на обиколка на дивоградби.

Господине Георгиески проектите досега требаше да бидат завршени и наместо да ја лажете охридската јавност дека предвидено било да започнат пролетта 2020 година требаше да кажете дека вкупно скративте 4.000.000 денари за поплочување и одржување на тротоари и улици со ребалансот на буџетот на општина Охрид.

Охриѓани треба да знаат дека ги скративте средствата за реконструкција на улиците „Македонски просветители“ и „Абас Емин“. Не ги потценувајте жителите на улицата „Абас Емин“ и целата Урбана заедница зато што знаат дека не го решавате нивниот проблем туку непотребно трошите пари на крпење ударни дупки.

Провидни сте и ветувате лажно поради изборите, а реалноста е дека ,,Абас Емин” остана без водоводна мрежа и фекална и атмосферска канализација.

СДСМ и Георгиески не можат со лажни ветувања да го покријат катастрофалниот процент на реализација во делот на комунални услуги и градежно земјиште.

Локалната власт на СДСМ за овие две години е синоним на неработење, лаги и празни ветувања.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.