23/11/2024
Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ никако да го реконструира угостителското училиште за учениците да почнат настава со физичко присуство

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид испрати соопштение до медиумите кое се однесува на реконструкцијата на угостителското училиште и ученичкиот дом.

„Колку СДСМ се грижи за образованието и каков е нивниот влог во образованието ни кажува фактот дека тие никако не можат да ги реконструираат угостителското училиште „Ванчо Питошески“ и ученичкиот дом за учениците да почнат настава со физичко присуство и да бидат сместени во домот.

Успеавте само да го направите штаб на СДСМ преку партиските вработувања, а нема ништо од завршувањето, иако уште во ноември 2021 година е започната реконструкцијата на ова државно средно училиште кое е под надлежност на централната власт.

Поминаа две недели, до кога раководството ќе ги лаже наставниците, самите ученици и нивните родители?

Зошто учениците сѐ уште не започнале со настава со физичко присуство?

Го повикуваме џелатот во образованието, Жаклина Лазаревска и сега да оди и да се слика со ташната и шлемот, па да го видиме на дело нејзиниот влог на уништување.

Кога ќе завршат градежните работи за целосна реконструкција на училиштето и ученичкиот дом?

До каде е набавката на врвната професионална опрема за практична работа за усовршување на стручноста на учениците?

Во училиштето владее хаос, никако да се заврши поставувањето на енергетско ефикасна фасада, се чека и промената на подовите, а за поставувањето сончеви колектори ќе се чека сигурно како и за лимот и кровната конструкција.

Неспособноста на кадрите на СДСМ и катастрофалниот влог во образованието се гледа преку зградите на училиштето и домот кои веќе неколку години никако да се завршат.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.


WebOhrid / 25.09.2023 / ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид