26/11/2024
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ стана полноправна членка на Центристичката Демократска Интернационала

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ денес на самитот во Будимпешта стана полноправна членка на Центристичката Демократска Интернационала која е светска организација на десни политички партии.

Ова е значајно меѓународно признание и успех на партијата на кој што макотрпно работевме изминативе два месеци.

По членството во европската народна партија (ЕПП) каде ВМРО-ДПМНЕ е членка, партијата стана член и во Центристичката Демократска Интернационала каде членуваат партии од Европската Народна Партија но и други десничарски партии од другите делови на светот.

Тоа е организација на влијателни политичари на светско ниво, и е огромна шанса за стекнување на многу нови пријателства за ВМРО-ДПМНЕ и за заштита на државните и националните интереси на Република Македонија.

Ова е организација каде Претседател на ЦДИ е Андрес Пастарана- Поранешен Претседател на Колумбија, Генерален Секретар е Антонио Лопез Истуриз кој истата функција ја извршува и во Европската народна партија, Потпретседатели се: Маријано Рахој-Премиерот на Шпанија, Виктор Орбан- Премиерот на Унгарија, Марио Давид од Португалија, додека почесни претседатели се Хозе Марија Азнар-поранешен Премиер на Шпанија и Пиер Фернинандо Касани Поранешен Претседател на Парламентот на Италија. Ова е друштво и во кој се Јанез Јанша како и Жозеф Дол Претседателот на ЕНП е Претседател за Европа на ЦДИ.

Во моментот се одвива самитот на ЦДИ во Будимпешта каде присуствува потпретседателот Александар Николоски кој имаше излагање во однос на членството и кандидатурата на ВМРО-ДПМНЕ во оваа организација.

Почитувани,

ВМРО-ДПМНЕ ги отвора вратите во меѓународниот свет со дипломатски чекори, разумни и принципиелни позиции и ставови и секогаш водејќи сметка за националните и државните позиции. Ова е доказ дека Република Македонија има пријатели, и дека се можни меѓународни успеси, со зачувано достоинство, и со силна визија за развој на нашата држава. Приемот во организацијата е и заслуга за сите наши меѓународни пријатели. Членството во ИДС ќе биде искористено за зголемено влијание на ВМРО-ДПМНЕ во меѓународните односи, и лобирање за државните интереси членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО алијансата.