30/11/2024
Струга

ВМРО-ДПМНЕ Струга: Исклучување од партијата на Нола Исмајлоска-Старова

Интегрален текст од прес-конференција на Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга, Мирче Аџиоски

Почитувани граѓани,

Вчера бевме сведоци на најголемото предавство во поновата историја на Република Македонија.

Се изврши насилство врз државата, но пред се, врз македонскиот народ, без да се почитува волјата на граѓаните, која што беше јасно искажана на референдумот.

Се докажаа аспирациите на Зоран Заев и неколку луѓе околу него, кои по секоја цена, без да се бираат средства успеаја да обезбедат 2/3 (двотретинско) мнозинство, за жал со помош од 8 пратеници на опозицијата, меѓу кои и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, Нола Исмајлоска Старова.

Вие пратеничке, ги изневеривте вашите сограѓани, ја изневеривте државата во која живеете и загазивте врз волјата на граѓаните на Република Македонија.

Зарем вреди да се живее со предавство и жигот кој сами си го закачивте на вашето име?!

Зарем нашето име има цена, па се одродивте и одрековте од него?!

Ја погазивте демократијата и идејата за слободна, независна и суверена Република Македонија!

Ве повикуваме да го вратите мандатот, затоа што 7700 стружани кои гласаа на предходните парламентарни избори не ви дадоа легитимитет да гласате за промена на Уставот и името на Република Македонија.

Според тоа, ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, по предлог на ИК на партијата, едногласно донесе одлука за поведување дисциплинска постапка-исклучување од партија на Нола Исмајлоска-Старова, која гласаше спротивно од партискиот став, но пред се, спротивно на волјата на граѓаните на Република Македонија!

Сега на нас е да се сплотиме и да не подклекнеме. Да продолжиме по патот на нашите револуционери и Организацијата.

Борбата не запира, љубовта и идеологијата за Македонија се над се и пред се!

Името е симбол пред Светот!

Името ни е идентитетот!

Да живее Република Македонија!