ВМРО-ДПМНЕ: Водовод да ги реши проблемите со водоснабдувањето во Лакочереј
ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес пред општинската зграда одржа прес-конференција, на која говореше портпаролот Перчо Божиновски.
„Со Локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески нема ден, а граѓаните на Охрид да не се изложени на проблеми. Тоа е неодговорно, недозволиво и нехумано.
Нема ден да не снема вода за пиење во дел од градот. Секојдневното живеење на граѓаните и туристите е отежнато. На жителите на Лакочереј им се ускратени основните услови за живот преку зачестените проблеми со водоснабдувањето иако навремено ги подмируваат обврските.
Оваа Локална власт наместо да ги решава проблемите на граѓаните најпрво ја зголеми цената на водата, а сега ги скрати средствата за изградба на системи за водоснабдување за 4.400.000 денари на сметка на враќање на долговите.
Зошто Георгиески дозволи кратење на средствата за водоснабдување за сега жителите да се соочуваат со проблеми?
Георгиески да не дозволеше минус 1.000.000 денари за изградба на водоводни линии и минус 300.000 денари за појачување на водоводни мрежи, изградба и реконструкција на резервоари за вода во рурални средини сега жителите немаше да имаат вакви проблеми.
Дали Георгиески бил во Подмоље да види како непречистената вода со фекалии се влева директно во езерото од која се шири неподнослива миризба?
И сето тоа кај една од пумпните станици на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро. Доколку навистина се спроведуваат преораките од УНЕСКО треба да се реагира.
Се додека приоритет на директорот на МЈП „Проаква“ – Р.Е. „Водовод“, Алексијоски ќе бидат репрезентациите по кафани и фудбалските клубови, а не проблемите на граѓаните сите ветувања на власта ќе останат само празни зборови.
ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш од „Водовод“ да ги реши проблемите со водоснабдувањето во Лакочереј и да им овозможи на жителите непречено снабдување на вода за пиење.
Локалната власт на СДСМ и Георгиески работи недомаќински. Таа е синоним за неработење и нерешавање на проблемите на граѓаните.“ – истакна Божиновски.