Во Археолошкиот музеј предавања за современата археолошка теорија
Во Археолошкиот музеј на Македонија, денеска во 12 часот, во организација на Студентското археолошко здружение „Аксиос“ од Скопје, ќе се одржи едукативна работилница на тема „Современа археолошка теорија“.
Настанот е замислен како серија на предавања и дискусија поврзани со современите теориски и методолошки тенденции во археологијата и нејзините сродни науки, отстапувајќи им простор на помладите истражувачи и нивните размислувања на оваа тема. Присутните ќе имаат можност да проследат шест различни предавања преку кои говорниците ќе ги изразат своите ставови поврзани со отворените прашања и насоки на развој на современата археолошка теорија и методологија.
Меѓу предавачите кои ќе се осврнат на различни аспекти од археологијата се: доц. д-р Гоце Наумов и Ѓоре Милевски од Центарот за истражување на предисторијата, доц. д-р Ирена Теодора Весевска од Филозофскиот факултет, м-р Мишко Тутковски од НУ Стоби, Кристијан Тошески одСтудентското археолошко здружение „Аксиос“, како и Кирил Денковски од Македонското археолошко научно друштво.