26/11/2024
Македонија

Во Даут пашин амам вечерва се отвора изложбата „Борко Лазески 1917-1993“

На изложбата свои обраќања ќе имаат министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева – критичар од областа на ликовната уметност, и директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими …

По промоцијата на монографијата „Борко Лазески 1917-1993“ минатиот четврток, Националната галерија на Македонија (НГМ) продолжува со одбележувањето еден век од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Во галеријата Даут-пашин амам вечерва со почеток во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Борко Лазески 1917-1993“, на која ќе бидат претставени шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот.

На изложбата свои обраќања ќе имаат министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева – критичар од областа на ликовната уметност, и директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова-Ќерими.

На изложбата пред македонската ликовна јавност ќе бидат презентирани оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и скиците т.е. реставрираните фрагменти од неговата „Фреска за НОБ“ која до земјотресот во 1963 стоела во холот на старата железничка станица во Скопје.

Куратор на изложбата со дела на Лазески кој бил првиот в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија-Скопје, е Маја Чанкуловска Михајловска и истата ќе може да се погледне до 5 април 2018 година.

Проектот за чествување на Борко Лазески, покрај монографија и изложба ќе опфати и предавање за неговото творештво кое ќе се реализира на 28 февруари од 12 часот во Даут-пашин амам. Со овие активности, НГМ го почнува и одбележувањето 70 години од своето основање.