23/11/2024
Македонија

Во Куманово Велигденски концерт на хорот „Света Злата Мегленска“

Во Занатчискиот дом во Куманово вечерва (4 април) со почеток во 19 часот Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димоска-Полизова ќе одржи Велигденски концерт. Како солист на концертот ќе настапи сопранот Наде Талевска …

Настанот, на кој ќе биде изведена православна црковна музика, се реализира под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и Фондацијата за култура и спорт на општина Куманово.
 
Хорот „Света Злата Мегленска“ е основан во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Составен е од 22 женски вокали, повеќето од нив студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и други државни факултети.
Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за надворешни работи преку македонските амбасади, црковни општини и македонски здруженија во дијаспората, како и со помош на други помагатели кои го разбираат значењето на музичката култура во светот, хорот “Св. Злата Мегленска” оствари извонредно меѓународно претставување и афирмирање на македонската црковна музика во:Велика Британија, Белгија, Германија, Франција, Италија, Грција, Словенија, Словачка, Србија, Хрватска, Полска, Португалија, Црна Гора, Швајцарија, Шведска, Бугарија, Австралија, Шпанија, САД и др. Хорот досега се закитил со шест златни олимписки медали, Светска титула-шампиони во женска категорија, 14 златни медали, 11 сребра и други значајни признанија и награди.