Во МАНУ промовирана монографијата „Борко Лазески 1917-1993“
Во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), денес се одржа промоција на монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“ на Националната галерија на Македонија (НГМ), со што оваа институција го почнува одбележувањето на 70-годишнината од нејзиното основање…
Одбележувањето се надоврзува со јубилејот 100 години од раѓањето на најпознат македонски монументалист, академски сликар, педагог, продолжувач на традицијата на фрескосликарството и втемелувач на витражот, кое ќе се одржи овој месец кој е посветен на неговото творештво.
Промоцијата се одржа во свечената сала на МАНУ на чии ѕидови се наоѓа витражот на Лазески „Светлина на минатото“ од 1975 година. Присутните истакнати гости, меѓу кои беше и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, ги поздрави академикот Таки Фити, претседател на МАНУ. „ Благодарение на овој витраж, Борко е секогаш со нас и секогаш меѓу нас“, рече Фити, кој додаде дека Лазески припаѓа во редот на великаните на модерната македонска уметност, со извонреден творечки талент кој го усовршил во познати сликарски школи, меѓу кои и во Париз.
За делото и значењето на Лазески говореа академиците Цветан Грозданов и Влада Урошевиќ, д-р Небојша Вилиќ, редовен професор на УКИМ, како и кураторот на проектот, Маја Чанкуловскa – Михајловска.
„Кога денес ги споредуваме тие високи мигови на македонската уметност со овие бедни кич ветошини од последните десетина години во облик на јавни споменици, сфаќаме колку скапоцено време сме изгубиле и колку во еден миг сме биле многу, многу поблиску до Европа и светот“, истакна академик Влада Урошевиќ.
Борко Лазески бил првиот в.д. директор на Уметничката галерија „Скопје“ (подоцна преименувана во Национална галерија на Македонија). Во 1951 година почнува да работи на своето најпознато монументално дело „Фреската за НОБ“ за Старата железничка станица во Скопје со 222 м2 површина, завршена во 1956 година и уништена во земјотресот од 1963 година. Во 1957 година станува професор на Педагошката академија во Скопје, а од 1969 до 1971 година е претседател на ДЛУМ. Од 1972 година повторно работи како професор на Педагошката академија во Скопје. Во почетокот на 80-тите години заминува во Мексико Сити каде останува неколку години, работејќи на неколку мурали.
Реализирал повеќе студиски престои во: Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, исто и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија). Добитник е на бројни награди и признанија за своето творештво, меѓу кои и Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело во 1987 година.
На 15-ти месецов ќе биде отворена изложба на негови дела во галеријата Даут-пашин амам, каде што на 28 февруари Националната галерија на Македонија ќе организира и предавање за Лазески (1917-1993).