26/11/2024
Спорт

Во Охрид ќе се одржи првиот турнир од Адриатската Текбол Лига 2024

Сè е подготвено за второто издание на „Adriatic Teqball League” (АТЛ). Најдобрите текери од регионот ја започнуваат битката за „јадранска круна” во бисерот на Република Северна Македонија!

Охрид на 8. јуни ќе биде домаќин на првиот турнир од новата Јадранска Текбол лига.

На првиот од пет АТЛ турнири планирани за оваа година, ќе се игра во две категории, машки сингл и машки парови, а предвидениот награден фонд е 2.000 евра.

Натпреварот ќе се одржи во две фази- првата фаза е планирана во салата „Билјанини извори”, а другата фаза на градскиот кеј Македонија.

Покрај претставниците на пет земји од регионот Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, на турнирите се предвидени посебни покани за текерите од останатите земји од Европа, а претставниците од Грција ќе бидат специјални гости во Охрид.

Еден од најдобрите македонски текери, охриѓанецот Димитар Пејчиновски, се радува што неговиот спорт доаѓа во неговиот град.

– Среќен сум што во мојот роден град за првпат ќе се одржи турнир во teqball, спорт со кој се занимавам веќе пет години. Се надевам дека ќе стане традиција Јадранската лига во teqball секоја година да стартува од Охрид. Воопшто не се сомневам дека Охрид и охриѓани ќе се покажат како вистински домаќини, дека ќе ги исполнат трибините и ќе уживаат во играта на најдобрите играчи од регионов, вели Пејчиновски.

Охрид, град со богата историја, што ги спојува културите, кој повеќе од 40 години e на листата на светско наследство на УНЕСКО, со Охридското Езеро како македонско море, е совршено место за teqball. Овој урбан спорт што може да се игра и во сала и надвор е идеален за промоција на убавините на Охрид, ама е и важен за промовирање здрав животен стил и рекреативен спорт.

– Општина Охрид дава силна подршка на спортот! Предизвикот да бидеме домаќини на Јадранската teqbal лига без двоумење го прифативме. Можеби се работи за спорт за кој сѐ уште кај нас нема многу информации и не е развиен, но знаеме дека во земјите од опкружувањето и во светот бележи голем раст и популарност. Затоа го сакаме и во нашиот град, не само да го имаме за време на турнирот од Јадранската лига, туку и да се отпочне со тренажен процес на млади категории.

На задоволство на сите охриѓани и бројните туристи кои ќе се во Охрид во периодот на Јадранската лига ќе имаме можност како општина и заедно со ГФК Охрид Лихнидос како технички организатор и со одговорните на Јадранската лига пред сè на г-дин Милорад Шутуловиќ на кој сме благодарни што го избра Охрид како домакин, да уживаме во мајсториите во teqbal играта што ќе ги покажат учесниците кои доаѓаат од седум различни држави.

Се надевам дека, како и секогаш, ќе сме одлични домаќини и овој турнир да прерасне во традиција. Добредојдовте во Охрид, градот кој е „Ерусалим на Балканот“, вели градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Учеството на турнирот е бесплатно, а пријавувањето се врши на официјалната инстаграм страница на лигата – @adria_teq.

Покрај турнирот, во рамки на АТЛ, ден претходно, во петок на 7-ми јуни Охрид ќе биде домаќин на регионалниот семинар за судии, а присутните ќе добијат шанса да станат помошни судии.


WebOhrid / 03.06.2024