22/11/2024
Охрид

Во Охрид одбележан 18ти август, Денот на АРМ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на централната свеченост во Охрид по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, со Орден за воени заслуги ги одликуваше Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје и Сквадронот на транспортни хеликоптери од Воздухопловната бригада од Здружената оперативна команда при Армијата на Република Северна Македонија.

Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје се одликува со Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош на Република Северна Македонија во процесот на пристапување и исполнување на критериумите и стандардите за остварување на полноправното членство во НАТО.

Сквадронот на транспортни хеликоптери од Воздухопловната бригада од Здружената оперативна команда при Армијата на Република Северна Македонија се одликува со Орден за воени заслуги за особени заслуги и за исклучителен придонес во јакнењето на одбранбената способност, зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија, како и за успешно претставување и афирмирање на Армијата на Република Северна Македонија во меѓународни рамки.

Претседателот Пендаровски ја постави полковник Билјана Блажеска за Аѓутант на Врховниот командант на Вооружените сили на Република Северна Македонија во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Полковник Блажеска била учесник на повеќе меѓународни обуки и вежби како припадник на Армијата, вклучувајќи го учеството во меѓународната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан во периодот од јуни 2018 до јануари 2019 година. Завршила специјализација за командни и штабни должности на Воената Академија во Скопје, курс за стручно оспособување и усовршување на офицери за служби на копнената војска на Армијата 2000-2001 во втората генерација на жени во Армијата.

Во Армијата работела во областа на логистика и била активно вклучена во проекти за развој и унапредување на опремувањето на Армијата, унапредување на логистичката поддршка на единиците на Армијата во мир и во воена состојба како и при упатување во мисии надвор од земјата.

Добитник е на медал за учество во мировната мисија „Одлучна поддршка“ и златна значка на Армијата за залагање во работата.