22/11/2024
Охрид

Во Охрид одбележан Светскиот ден на лицата со хендикеп – 3ти декември 

Масовно и со спортски активности, лицата со телесен инвалидитет “Мобилност” од Охрид, го одбележаа Светскиот ден на лицата со хендикеп, 3 декември. 

Пред присутните членови на “Мобилност”, гости- претставници на други здруженија и невладини организации, како и градоначалниците на општините Охрид, Јован Стојаноски и Дебрца, Зоран Ногачески, зборуваше претседателот на општинското здружение Венко Голабоски.

Голабоски кој потенцираше дека во нивните редови има не само лица со посебни потреби, туку и такви што имаат посебни способности, при што посебно ја нагласи сликарката од Струмица, Розе Мојсоска, претставувајќи го нејзиното уметничко дело – подарок за општинската организација во Охрид.

На поединци и асоцијации кои даваат посебен придонес во работата на ова здружение им беа поделени дипломи и благодарници.

Се одржаа и спортски натпревари во дисциплините шах, пинг-понг, пикадо, стрелаштво и табла.

Лицата со телесен инвалидитет “Мобилност”, се дел од Националниот Совет на инвалидските организации на Македонија, во кој членуваат Сојузот на слепи, Сојузот на глуви и наглуви, Сојузот на телесно инвалидизираните лица, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, Сојузот на инвалиди од војната, Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидите и Сојузот на инвалиди на трудот на Република Македонија.