22/11/2024
Охрид

Во Охрид почнува 67 светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА)

Утре во Охрид почнува 67 светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА). Највисокиот репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА, свечено ќе биде отворен во 9 часот во охридскиот хотел „Инекс-Олгица“, а деновиве, во Охрид пристигнаа над 240 високо рангирани полициски службеници, претставници од 64 ИПА држави и нивни национални ИПА секции како и други меѓународни организации членки на Организацијата на Обединетите нации (ООН).

Утре по свеченото отворање и средбата со новинарите, во 11 часот,  ќе се одржи ИПА парада во која, сите учесници на Светскиот конгрес, носејќи ги нивните полициски униформи, ќе парадираат по улицата „Св.Климент Охридски“ од Охридскиот чинар до охридското пристаниште.

Светскиот ИПА конгрес кој во Охрид ќе трае до 22 овој месец, е од исклучително значење за ИПА Македонија, како организатор на Светскиот конгрес но и врв на довербата што ИПА Македонија ја има во рамки на светската ИПА.

На 67 Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација, ќе се разговара за повеќе теми поврзани со регионалната и глобалната безбедност и стабилност, јакнење на билатералната и мултилатералната полициска соработка помеѓу полициите-членки на ИПА, јакнење на професионализмот на полициските службеници низ бројни форми на едукација и во таа насока, ќе бидат потпишани низа конкретни договори.

По завршување на 67-миот ИПА Светски конгрес во Охрид, ќе следи манифестацијата „Недела на пријателство“ при што, за учесниците на 67 Светски ИПА конгрес, од 22 до 29 септември, предвидени се туристички разгледувања на повеќе ИПА региони, градови, значајни историски и туристички места во Македонија.

Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), е најголема полициска организација во светот, формирана на 1 јануари 1950 година од кога работи врз принципите утврдени и усвоени од страна на Обединетите нации во 1948 година како и врз основа на универзалната Декларација за човекови права.

ИПА, своите корени во Македонија ги има од 2008 година кога, под менторство на ИПА Хрватска, се отворија првите ИПА клубови во Охрид, Битола и Прилеп.  Во 2011 година во Скопје, се оформи ИПА Македонија, Национална Секција на  Македонија како дел од меѓународното ИПА полициско здружение од кога, успешно дејствува, ги спроведува целите и задачите на меѓународната ИПА и активно ги поддржува стратешките определби и интереси на Македонското министерството за внатрешни работи, посветени на јакнење на улогата на полицијата во македонското демократското општество што се интерес на членовите на ИПА и граѓаните во целина.


WebOhrid / 17.09.2024 / ИПА Охрид