23/11/2024
Охрид

Во Охрид се одржа дебата за граѓанска вклученост во медиумската саморегулација

Саморегулацијата во медиумите, интересот на јавноста и граѓанска вклученост“ е тема на дебатата што ја организираше Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска, во Охрид.

Со присутните од граѓанскиот сектор, медиумите и институциите се дискутираше за улогата и значењето на граѓанската вклученост во поддршката и унапредување на работата на телото за саморегулација во медиумите.

„Јавноста е особено важна во инвестициите за професионална и квалитетна работа на медиумите. Демократијата бара јавна дебата, а не само информации. Ако и јавноста ја поддржува саморегулацијата таа ќе функционира ефективно, а медиумите ќе се заштитат од контрола од центрите на моќ“, – рече Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ.

Механизмите за учество на јавноста во работата на СЕММ ги претстави претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски.

„Особено ни е важна комуникацијата со граѓанскиот сектор, посебно во делот на заштита на човековите права, но и дијалогот со раководството на медиумите. Кога соработката е добра, праксата се менува во позитивна смисла“, – апелираше Адамчевски.

„Голем број од медиумите веќе јавно истакнувааат дека ја поддржуваат саморегулацијата. Но тој процес не треба да запре тука, важно ни е сите да реагираат за она што се случува во новинарското известување. Заедно ќе бидеме најефикасни во детектирањето на ‘лошото’ новинарство и афирмирањето на ‘доброто’“, – истакна Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ.

Настанот се организираше во рамки на проектот поддржан од Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ која што ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС)“.