26/11/2024
Охрид

Во Охрид се одржа предавање „Договори за издршка, подарок, тестамент“

Во Охрид денес се одржа бесплатно предавање на тема „Договори за издршка, подарок, тестамент“, кое беше наменето за сите граѓани од Охрид, Струга, Вевчани и Дебрца над 60 години и нивните фамилии.

Предавач на настанот беше адвокат Оливера Доцевска, од Скопје, со 17-годишно работно искуство во обаста на правото и човековите права и слободи, 10-годишно работно искуство како адвокат, специјалност човекови права, кривично право, имотно – правни односи и управна постапка, магистрант меѓународни односи и дипломатија, активист за човекови права и Претседателка на организација за човекови права и слободи Јустиција, поетеса, преведувачка, анализа на политики, колумнистака.

Доцевска говореше за аспектите на заштита на имотот и личноста при располагање со имотот со – тестамент, договор за подарок и договор за доживотна издршка.

Ние денес разговараме на тема „Заштита на имотот и на личноста“, бидејќи постарите луѓе кога ќе ја надминат границата од 70 години веќе се јавуваат некои биолошки промени во самиот организам, некои се подложни на деменции, така што во најголем дел можат да се јават случаи на злоупотреба. Голем дел од моите клиенти како адвокат се соочуваат со проблем на живот доведен во несигурност, бидејќи самодовербата се губи во постарите години и дури се подложни на некои притисоци понекогаш дури и од сопственото семејство кое што Законот може да го идентификува и како семејно насилство. Треба да се заштитат во некоја порана возраст и да бидат информирани, на кој начин како да го пренесат имотот, дали тоа да биде со Договор за доживотна издршка, дали да биде со Договор за подарок, дали да биде со тестамент, дали во тие договори во тестаментот треба да има одредби кои нив лично ќе ги заштитат, за да не се доведат во ситуација да бидат утре исфрлени на улица и да им биде загрозен опстанокот.“ – изјави Доцевска.

Таа истакна дека граѓаните можат да бидат најдобро упатени од адвокатите, бидејќи иако тоа понекогаш е оптоварување на семејниот буџет, сепак адвокатите се најстручни за да им посочат на кој начин да се заштитат, да им дадат и писмен и усмен правен совет, а писмениот совет да им служи како урнек кој ќе го имаат како пример како утре да постапат.

Според Катерина Василеска, Проектен Координатор, ова е тема за која тие како Локална агенција за развој сметаат дека е многу важна тема за повозрасните граѓани кои во некој момент мора да одлучат што со нивниот имот и затоа ја наметнале на едно од предавањата во рамки на Проектот „И старите можат“.

„Ова е една навистина горлива тема и најголем дел од проблемите кои што настануваат во фамилиите кои понатаму ги раскаруваат фамилиите, браќата, сестрите меѓусебно и родителите со деца е токму оваа тема имотно-правните прашања и затоа сметавме дека е добро чисто превентивно да слушнат и можеби да им се разјаснат некои дилеми на оваа тема, бидејќи очигледно семејството се распаѓа кога има несогласувања во однос на делењето на имотот. Најчесто тие проблеми почнуваат меѓу самите родители, потоа родители-деца и потоа меѓу самите деца, и на крај добивате распаднати фамилии, а тоа значат распадната Држава.“ –  рече Василеска.

Оваа активност е дел од под-проектот „И старите можат“ кој е спроведуван од Локалната агенција за развој до Струга која е членка на Мрежата Инклузива М за социјална инклузија на старите лицата од трета доба во Република Македонија од 2016 година. Под-проектот се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” поддржан од од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст, кој Црвениот крст на РМ во Македонија го спроведува во заедничко партнерство со здружението Хуманост.

Инаку, во текот на месеците март и април ќе се организираат викенд работилници за здраво готвење, и јога часови за витално стареење.

WebOhrid