26/11/2024
Охрид

Во Охрид се одржува меѓународен гастрономски натпревар за средношколци

Во организација на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ во Охрид денеска започна 11тиот меѓународен гастрономски натпревар ГАТУС, наменет за средношколци од земјите од регионот. Околу 200 ученици со поддршка од нивните ментори од 14 училишта од Северна Македонија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, во следните четири дена ќе ги презентираат своите знаења и вештини за готвење, послужување и туристички аранжмани.

На отворањето на натпреварот се обрати државниот секретар во Министерството за образование и наука Билјана Казанџиска, која на учесниците им посака успеси во натпреварот, многу нови искуства, пријателства и убави спомени од како што рече, градот лулка на словенската писменост и културата на Балканот.

„Драго ми е што гледам голем број млади луѓе кои се пријавиле за учество и за презентирање на личните вештини и знаења. Докажувате дека храброста и натпреварувачкиот дух се дел од вашиот карактер и треба да ги задржите како особини, бидејќи токму тие носат просперитет и успеси. Ова е момент кога треба да го потврдите тоа што сте го научиле, да ги оправдате напорите на вашите наставници, ментори и воопшто на училиштата од кои доаѓате“, рече Казанџиска.

Таа изрази благодарност до менаџментот и вработените во училиштето организатор на натпреварот, посочувајќи дека истото, сосема оправдано неодамна го доби приматот на регионален стожер и афирматор на стручната едукација со поддршка од државата и Европската Унија. Информираше дека во моментов во тек е инфраструктурна инвестиција за модернизација на објектот и опремата во планирана вредност од 2 милиони евра, која според очекувањата ќе се заокружи до крајот на оваа календарска година.