26/11/2024
Охрид

Во Охрид се одржува Седматa годишна истражувачка конференција на НБРМ

Денес во Охрид започна Седматa годишна истражувачка конференција на Народната банка на Република Македонија, насловена како: „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“.

Уште на почетокот на поздравното обраќање со коешто ја отвори Конференцијата, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, потенцира дека ваквата тематска одреденост упатува на релативно долгиот период од почетокот на глобалната криза и потребата од соочување на централните банки и економистите, особено економистите-истражувачи, со новите предизвици.

„Во овој момент, прашањата коишто треба да си ги поставиме и на коишто треба да се осврнеме за време на Конференцијата би биле: колку е силно и одржливо глобалното закрепнување, кои се причините за намалената инфлација, каква треба да биде динамиката на нормализацијата на монетарната политика, дали банките се поеластични сега, дали сме подобро подготвени да ги спречиме ризиците? Можеби ова се едноставни прашања, но како и во многу други случаи во реалниот живот и во вистинската економска рамка, немаат едноставни одговори“. – истакна гувернерот Богов.

Во обраќањето пред присутните, тој, подетално се осврна на актуелните состојби во светската економија, особено од оние аспекти коишто се директно во фокусот на централните банки, но и на македонската економија и на економиите на земјите од регионот на Западен Балкан, во поглед на соочувањето со новиот глобален циклус.

Во рамки на првата сесија од првиот работен ден на Конференцијата беше врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којашто Народната банка, традиционално ја доделува од 2007 година па наваму. Годинава, му е доделена втора награда на младиот истражувач Кирил Симеоновски, за трудот „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија“.

Денес, на Конференцијата ќе бидат презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија и Австрија, на претставници на Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Дискусија за темите на истражувачките материјали ќе имаат и претставници на Лондонската школа за економија, Европската централна банка, Универзитетот од Орлеанс, Франција и од Народната банка на Република Македонија. Во рамки на денешниот работен ден ќе бидат разгледани повеќе теми, меѓу кои: реалната конвергенција на земјите од регионот, финансиската интеграција и двигателите на странските директни инвестиции, влијанието на нормализацијата на монетарната политика во развиените земји врз земјите од Централна и Источна Европа, отпорноста на кризи, банкарските ризици, капиталните барања за банките и пристапот до финансии во земјите од регионот.

Покрај наведените учесници, на Конференцијата учествуваат и претставници на повеќе централни банки од регионот, ЕУ и пошироко, како и од истакнати светски универзитети и меѓународни организации. Деловните банки од Република Македонија и другите финансиски институции, како и државните институции, исто така се присутни со свои претставници.

Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Република Македонија.