26/11/2024
Охрид

Во подобрени услови за работа започна училишната година во Охрид

На првиот училишен ден, градоначалникот Константин Георгиевски беше во с. Пештани каде во Општинското Основно Училиште „Св. Наум Охридски“ ги поздрави првоодделенците со желба успешно да запловат во Светот на знаењето, а општината ќе продолжи да ги подобрува условите за реализација на образовниот процес во Охрид и околината.

– Верувајте за  мене ова е еден од најубавите денови во годината зошто нема  ништо подобро да гледаш „чисти “ детски ликови , кои помалку  збунето и  уплашено зачекоруваат  во животот што е пред нив.  За прв пат  стапнуваат  на прагот од нивниот втор   дом и влегуваат во својот клас во кој соучениците стануваат едно  ново семејство. Симпатични првачиња,  опкружени со љубов и внимание добре дојдовте во овој неверојатен Свет на знаење и откритија.  Најубавиот период од годината-  летото  заврши   со сите  безгрижни игри и убави спомени.  Не се обесхрабрувајте, пред Вас е едно многу поинтересно  време  исполнето со   учење и игра. Приказните и бајките  од волшебни Светови   ќе ги заменувате со буквари и читанки во кои ќе читате реални случувања   од секојдневието. Од денес ваша преокупација ќе станат буквите и бројките. „Ловете“ знаење и не се разочарувајте, ќе имате доволно време за  дружба и игра. Овде во училиште ќе ги запознаете најдобрите другарчиња и првите симпатии. Времето брзо минува , а со тоа и овие најубави школски денови. Затоа бидете добри и  хумани, подајте си рачиња едни со други. Делете го вашиот појадок и ужинка, помагајте си меѓу себе.  Драги дечиња, денес  го преминувате прагот на неверојатниот замок во Кралството на знаењето. Името на овој замок е училиште. Кралот   е работата , а кралицата е трпеливоста. Работата и трпеливоста  се неопходни за да бидете главни во  Кралството на знаењето.Не секој училишен предмет или домашна задача ќе бидат подеднакво привлечни за вас. Тоа е во ред. Но најбитно е максимално да се вложувате и да покажете интерес за знаење. Зошто верувајте, колку повеќе учите и совладувате нови знаења толку повеќе отворате животни врати пред себе и сами градите светла иднина за  Вас. Вие учете и совладувајте нови врвови на знаење, а ние како одговорна власт  секогаш ќе работиме на подобрување на условите за реализација на образовниот процес. Во ова училиште, каде денес се наоѓаме го променивме кровот и дограмата, а во подрачните училишта во  селата Елшани и Коњско ги променивме кровот и подовите. Работевме и работиме на реконструкции и разубавувања  и во другите охридски училишта.  Драги првачиња ви посакувам училишните денови да ви донесат само радосни моменти, а деновите на учење нека летаат брзо и лесно како птица на небото– рече градоначалникот Георгиески.