27/11/2024
Македонија

Во првите 6 месеци оваа влада потрошила двојно помалку од владиниот состав во 2014 година

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска во Владата на Република Македонија одржа прес конференција на која ја презентираше Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

Софтверското решение на оваа алатка овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на функционерите и да се прави споредба на трошоците на државните службеници, по типови на трошоци, и во различни временски интервали.

Алатката од денеска е достапна пред целата македонска јавност на веб страницата на Владата на РМ, односно на следната адреса: http://vlada.mk/otchetnost-troshoci

– За прв пат во политичката пракса во Република Македонија, Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето работење. Ако во минатото граѓаните прашуваа, а властите криеја, денес Владата самоиницијативно ги изложува трошоците, без да чека некој да ја праша – нагласи на почетокот на прес конференцијата Поповски.

Министерот Поповски на прес конференцијата потсети дека Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции доаѓа како резултат на одлуката од 42-рата седница владата, со која беа задолжени министрите, замениците министри, државните секретари, генералниот секретар и Премиерот на Република Македонија, да достават информации за службените трошоци направени во рамките во првите шест месеци од преземањето на функциите, поточно од јуни до ноември 2017 година.

Софтверското решение ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите.

Алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство и т.н.

– Целта на оваа алатка е да ги држи трошоците на јавните функционери на најниско ниво и да алармира доколку се јават отстапки во трошењата на јавните средства. Оваа одлука се однесува на 60-тина функционери од извршната власт, кои во оваа прва фаза имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста. Во следната фаза, кругот ќе се прошири и на други државни службеници и раководители на органи на државната управа, Но, тука нема да се застанеме – истакна министерот Поповски на прес конференцијата.

Поповски информираше дека ќе следи нов пресек со објавување на трошоците за вторите шест месеци од стапувањето на функција, а подоцна алатката ќе се полни редовно со податоци за трошењата и таа во секој момент ќе им биде на увид на граѓаните.

– Намерата е трошоците да се намалуваат и да се сведат само на продуктивни трошоци, неопходни за непречено спроведување на работните активности на функционерите и институциите – рече министерот Поповски.

За поголема прегледност и споредбена анализа, министерот Поповски информираше дека во алатката за визуализација се вметнавме и трошењата на функционерите од претходната Влада во првите 6 месеци од преземањето на функциите по изборите, поточно за периодот јуни – ноември 2014 година, за да се утврди нивото на трошењата на функционерите на актуелната влада и да добие увид дали овие функционери трошат повеќе или помалку од функционерите од претходната влада.

Поповски истакна дека споредбените податоци покажуваат дека актуелниот владин состав потрошил речиси два и пол пати помалку државни пари, во првите 6 месеци, во однос на функционерите на претходната влада, по преземањето на нивните функции во 2014 година.

– Оваа владата во првите 6 месеци од своето работење потрошиле за службени трошоци 21.890.462 денари, додека владата на Груевски во првите 6 месеци од 2014 година, по формирањето, потрошила двојно повеќе, односно 44.909.835 денари. Во истиот период, Никола Груевски како премиер потрошил 5.183.102 ден или за скоро дупло повеќе од тоа што потрошил премиерот Заев, во првите 6 месеци, односно 2.918.531 денар – информираше Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.

Поповски истакна дека „во врска со трошоците на премиерот Заев, тие дотолку повеќе доаѓаат до израз, кога се знае дека тој период од неговото работење во Кабинетот беше исполнет со многу повеќе патувања и состаноци во странство, во споредба на активностите на премиерот Груевски, кој како што знаеме се самоизолираше од меѓународна сцена во таа 2014 година.

На прес конференцијата, со помош на Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, беа прегледани и споредени и трошоците на Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, кој потрошил 8 пати повеќе народни пари или 2,237,507 ден, во споредба со министерот Сугарески, кој потрошил 279.867 ден за првите 6 месеци од своето работење.

Алатката покажа и дека Министерот за финансии Зоран Ставрески потрошил 2,9 мил денари или четири пати повеќе, буџетски пари од министерот Тевдовски, во првите 6 месеци од неговото работење.

Според достапните податоци на Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, министрите без ресор на претходната влада потрошиле скоро 4 пати повеќе народни пари – 10, 5 милиони денари во 2014-та, наспроти 2,77 милиони денари во 2017 година.

Министерот Поповски ги повика новинарите, како и сите граѓани, да продолжат да ги следат и да ги истражуваат податоците кои од денес се достапни на е-транспарентност Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

– Денеска пред јавноста во Република Македонија излегуваме со уште една активност за која ветивме дека ќе биде само една од пакетот мерки што ќе овозможи одговорна власт која работи транспарентно и отчетно. Основата на отворената, транспарентна влада, лежи во можностите на јавноста за пристап до информации како основно право граѓаните, бидејќи и тие, информациите, им припаѓаат на граѓаните – истакна во завршницата на прес конференцијата по повод промоцијата на Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции, министерот Поповски во Владата на РМ.

https://www.youtube.com/watch?v=DHjSgQVfl7Q