Во сабота во Охрид ќе се одржи 32 издание на Меѓународниот атлетски маратон
32 издание на Меѓународниот атлетски маратон ќе се одржи во сабота (08.09.2018). Стартот е закажан за 9:00 часот од Свети Наум, а пристигнувањето во Охрид пред Центарот за култура се очекува нешто по 10:00 часот.
Иницијативниот одбор на Здружение „Охридски Атлетски Маратон 2012“ и оваа година реши да продолжи со традицијата. И оваа година покрај традиционалниот Меѓународен Атлетски Маратон Св.наум-Охрид во должина од 30км, организациониот одбор реши да организира и рекреативна трка на 5км под името „Прва Трка на Независност“ со која би се привлекло повеќе публика на целта, а обезбедени се и симболични награди од фирма со спортска опрема.
„Досега за учество на Меѓународниот атлетски маратон се пријавени 130 атлетичари, од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Унгарија, САД, Велика Британија, Словачка и Кенија, а се очекува бројот на учесниците да се зголеми и да се надмине минатогодишниот рекорд од 147 атлетичари. Годинава за прв пат се организира и мала трка во должина од 5 километри, за која додега се пријавени 60 учесници.“ – рече членот на Организациониот одбор Милчо Стефаноски.
Маратонската трка, како што рече членот на организациониот одбор Ристо Трајкоски, ќе започне во 9 часот од кај граничниот камен Ф1 во Св.Наум , а целта е пред Центарот за култура „ Григор Прличев“. Првите маратонци на целта би требало да стигнат по 10 часот и 30 минути. Покрај судиите и екипите на полицијата и Црвен Крст, по целата должина на патеката ќе има распоредено и 50 волонтери.
Наградниот фонд за освоено прво место во машка и женска конкуренција е 700 евра, за второ 300, а за трето место 200 евра. За македонските атлетичари за освоено прво место наградата е 150 евра, за второ 100, а за трето место 50 евра.
Рекордот на патеката за мажи го држи Абел Кибет Роп од Кенија со резултат 1:34:58, а во женска конкуренција рекордот го држи Ребека Џепчирчир со резултат од 1:48:12.
Кај Првата трка на независност засега има околу 40 учесници, но организаторите очекуваат бројката да се зголеми.
Исто така кај Македонските учесници се очекува жестока борба за освојување на првото место во македонска конкуренција на маратонската трка.
Доделувањето на стартните пакети ќе биде ден пред трките, односно на 07.09.2018 (петок) од 12:00 до 20:00 часот во Спортската сала „Билјанини Извори“.
Повеќе информации и пријавување на iamo.mk
WebOhrid