23/11/2024
Македонија

Во тек е реализацијата на третиот циклус обуки за храната и исхраната на децата во градинките

Со цел унапредување на здравјето и подигнување на свеста на најмладата група граѓани – децата за прашања поврзани со безбедноста на храната и исхраната и реализирање на правото на едукација кое го имаат граѓаните на нашата држава, вклучително и децата, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви и почна со реализација на Програмата за едукација на децата од предучилишна возраст во Република Македонија. Почнувајќи од 13 Ноември, повеќе од 300 дечиња од големите групи од градинките во општина Аеродром, помина низ дел од третиот циклус едукативни работилници за храната и исхраната.

Потребата од одржување на нов циклус обуки наменет за оваа категорија деца, е резултат на потребата навиките за правилна исхрана стекнати во од најраната возраст за децата да претставуваат темел врз основа на кој ќе ги градат идните навики во исхраната. Храната и здравјето се во нераскинлива врска и затоа, ваквите едукации претставуваат вложување во здравјето и иднината на популацијата.

Активностите од оваа програма ќе се бележат во Поглавјето 3.28. – Заштита на потрошувачите и јавно здравство. Заклучно со 22 ноември, активностите од оваа програма се реализираат преку интерактивни работилници на кои децата во интерактивна дискусија, преку презентација на слики учат за безбедноста на храната, како органолептички да разликуваат безбедни од расипани производи, како бактериите се размножуваат во храната која е загадена и кои и какви се последиците од консумирање на небезбедна храна.

Во соработка со стручни лица од Одделението за заштита на потрошувачите од Агенција за храна и ветеринарство, децата се обучуваат како да разликуваат таканаречена ,,здрава храна,, од храна која не треба секојдневно да се консумира, како што е брзата храна, грицките, газираните сокови и слична храна. Во рамки на интерактивните работилници се промовира пирамидата на исхрана, се делат лифлети на темата „Безбедна храна, здрава иднина“.