Во тек се подготовките за Богојавление – Водици
Во пресрет на празникот , Богојавление- Водици, градоначалникот на Охрид д-р Јован Стојаноски денес одржа работен состанок со организациониот одбор. На средбата се разговараше за обврските на инволвираните институции во насока на успешно реализирање на настанот.
Централната манифестација посветена на празникот е на 19 Јануари. Прославите започнуваат во раните утрински часови со богослужби во сите парохиски цркви. Годинава големиот богојавленски водосвет, фрлањето на крстот ќе биде од градското пристаниште.
За безбедноста на сите охриѓани кои ќе скокаат во езерските води ќе бидат ангажирани спасители на вода, нуркачки и медицински тимови. Во духот на христијанската вера и обичаи среќниот фаќач на крстот ќе биде даруван од градоначалникот Стојаноски со икона, а МПЦ ќе му подари златно ланче со крст.
Наредниот ден, 20 јануари на Сараиште ќе се одбележи денот на рибарите. Традиционално рибната чорба ќе ја подготвуваат учениците од СУТУ „Ванчо Питошески“.
Организатори на манифестацијата се Општина Охрид и Македонската Православна Црква. Настанот се очекува да биде проследен од бројни медиумски куќи.
По своите духовни и верски вредности, празникот Богојавление- Водици како најмасовна црковно- народна манифестација ги надминува локалните и регионални граници и го привлекува вниманието на голем број верници, гости, туристи и посетители.