21/11/2024
Македонија

Во Виена Заев учествуваше во дебатата „Северна Македонија“

На дебатата, на која учествуваше и Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и претседавач со Делегацијата на заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, во воведното излагање, премиерот Заев ги запозна присутните со најзначајните поенти од реформските процеси и истакна дека како целосно посветена на овие процеси, Владата ја обнови демократијата и испорача конкретни резултати во 4 области, како што се бараше во Заклучокот на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во владеење на правото, антикорупција, безбедносни реформи и реформи во јавната администрација, и паралелно беа остварени значајни позитивни промени и во социјалната сфера.

„Ја покачивме минималната плата два пати за две години. Ја зголемивме поддршката за социјална помош за 300% во корист на 30 илјади семејства. Зголемена е поддршката на децата за 70 илјади деца. Платите во јавниот сектор, за лекарите, социјалните работници и наставниците, се повисоки. Воведовме социјална пензија, така што старите граѓани не остануваат без никакви приходи. Ние сме посветени да градиме општество што е социјално праведно и каде сите имаат еднакви шанси“, нагласи премиерот Заев на дебатата во Виена.

Премиерот Заев потенцираше дека на меѓународен и на билатерален план, Владата на Северна Македонија успеа да ги реши билатералните спорови со Бугарија и Грција, и тоа ја направи земја без отворени прашања со соседите, како единствена на Западен Балкан од таа перспектива.

„Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Таа се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Заедно со премиерот Ципрас создадовме модел за решавање на комплексни прашања“, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е препознаено и афирмирано од меѓународната заедница, вклучувајќи го и Претседателот на Франција Макрон кој даде поддршка на овие политики во пресрет на референдумот за промена на името како чекор кон членството во ЕУ и НАТО.

„За Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во „чекалната“ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ“, додаде Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев.

Премиерот Заев на дебатата за европските перспективи на Северна Македонија во Виена рече дека е сѐ уште оптимист и дека очекува шефовите и влади на земјите на ЕУ на нивниот самит во Брисел да донесат одлука да почнат преговорите за членство за нашата земја.

„Очекувам е ЕУ да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ, и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ, и ќе останеме посветени на тој пат“, потенцираше премиерот Заев на дебатата на тема “Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот Карл Ренер и Фондацијата Фридрих Еберт во Виена.